1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повисоки плати-реалност или политички популизам!?

Костадин Делимитов
1 декември 2016

Македонските плати се мизерни, но може ли реално да станат и повисоки? Експертите се оптимисти, но само доколку се случат и коренити реформи во економските политики!

https://p.dw.com/p/2TYWB
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Просечна плата од 30.000 денари, дури до 60% повисок минималец од сегашните 10.080 денари. „Мед и млеко“ течат од партиските говорници во предизборната кампања на адреса на граѓаните-гласачи. Од нови вработувања, инвестиции, субвенции до драстично повисоки плати. Економијата очекувано доминира во програмите на сите политички субјекти, посебно во делот на платите што разбирливо треба и најмногу да „пали“. Сепак, дилемите се дали и колку она што се ветува е реално остварливо но и по која цена? Работниците сонуваат за повисоки плати и задоволно ги слушаат ветувањата, но не се преголеми оптимисти колку лесно тие и реално се остварливи:

„Она што го слушаме како ветување за просек е далеку од реалноста во стопанството, посебно во преработувачката индустрија. Реално кај платите, сегашниот просек е благодарение на администрацијата. Ова што го слушаме е повеќе додворување на гласачите, иако реално има простор за зголемување на платите со мали исклучоци. Предуслов за тоа да се случи е зголемување на минималната плата но под услов тоа паралелно да повлекува корекции и на сите останати категории. Во спротивно, ништо не сме направиле, односно само ќе дојде до приближување на минималецот со сегашниот просек“, коментира Пеце Ристески, претседател на СИЕР-Синдикат на вработените во индустријата, енергетиката и рударството.

Mazedonien Land und Leute neu
Фотографија: Petr Stojanovski

(Не)остварливи ветувања

Клучно според него е во сите реформски зафати, а посебно во делот на корекцијата на минималната платада се земат во предвид социјалниот но и економскиот елемент. Да се создадат предуслови за домашното стопанство кое повеќе не смее да трпи за сметка на странските инвеститори:

„Мене ми е се уште нејасно врз што точно се темелат овие ветувања што ги слушаме, но факт е ако не се создадат предуслови ништо од тоа нема да функционира. Треба да се овозможи стопанството да работи нормално и да ужива најмалку идентичен третман како странските инвеститори. Ако се цели само на  јавната администрација таму е лесно постојано да се корегира, но прашање е по која цена? Ќе се задолжат граѓаните и ќе се зголеми буџетот. Но тоа е само гола политика и популизам која ќе падне на грбот на стопанството и на граѓаните“, смета Ристевски.

Дел од експертите пак предупредуваат дека политиката не треба премногу да се „опушта“ со ветувања за кои во дел нема законска можност да ги утврдува:

„Во суштина, партиите треба да даваат ветувања кои се остварливи. Ако даваат неостварливи ветувања, тоа води до недоверба, т.е. креира атмосфера кога гласачите не знаат да препознаат мерка која може да се спроведе и мерка која не може да се спроведе. Конкретно за платите, партиите треба да предлагаат мерки кои се под нивна директна контрола. Вакви се мерките кои се однесуваат на минималната плата, зашто минималната плата се регулира со закон, но не и мерките кои се однесуваат на просечната плата, зашто државата не може законски да ја постави минималната плата“, смета економистот Бранимир Јовановиќ.

„Што се однесува до просечната плата, имам и дополнителен аргумент против мерки кои се однесуваат на неа, покрај горе наведениот. Имено, просечната плата е всушност многу лош индикатор за благосостојбата, зашто таа не ја зема предвид дистрибуцијата на платите. Така, ако пораснат највисоките плати во економијата, ќе порасне и просечната, но тоа ќе значи подобрување на состојбата само на богатите“, коментира тој. 

Mazedonien Bankautomat Geld abheben
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Неславен рекордер

Сепак, според него е добро што поголем дел од партиите во своите изборни програми имаат мерки за зголемување на минималната плата, што укажува на зголемена свесност за проблемите на овие работници:

„СДСМ и Левица имаат слични предлози за минималната плата. И двете предлагаат унифицирање на минималната плата за сите дејности (моментално, текстилот, облеката и кожата имаат пониска минимална плата), што е за поздравување. Нивоата што ги предлагаат делуваат разумно, особено затоа што истовремено се предлага и намалување на даноците за овие работници, што значи дека порастот на минималната плата не би ги зголемил многу трошоците на фирмите. ВМРО ДПМНЕ пак од друга страна, продолжува со политиката на пониска минимална плата во текстилот, облеката и кожарството, што практично претставува дискриминација на овие работници, кои се всушност најзагрозени од социјална гледна точка“, смета Јовановиќ. 

СДСМ предлага минимална плата од 12.000 денари во 2017 со тренд на постепено зголемување до 16.000 денари во 2020 година. ВМРО ДПМНЕ пак ветува минималецот до 2020 година да се позиционира на 13.500. Левица пак 15.000 денари без да специфира во кој период тоа и би се реализирало. Платите и ветувањата за нивно зголемување разбирливо привлекува најголемо внимание кај јавноста, посебно во Македонија која важи за неславен рекордер по овој основ. Власта постојано се фали дека платите во Македонија растеле со најголема динамика но не милува да образложи зошто и натаму тие се најниски. Статистички, просекот од 22.000 денари делува можеби охрабрувачки, но разочарува фактот што дури 70% од вработените земаат многу помалку. Анализите покажуваат дека месечниот просек веќе подолг период стагнира, односно во изминативе 5 години просечно платата растела за по околу 1% годишно. Само 9% од вработените земаат повисока плата од 20,000 денари, или 2,3% повеќе од 30,000. Останатите, се борат да го истераат месецот во просек со по „мизерни“ 200 евра.