Викенд без ДДВ: Ризик, но и помош во кризата
10 октомври 2020Под строги протоколи и со бројни реклами за попусти стартува тридневниот продолжен „Викенд без ДДВ“. Долгонајавуваниот проект како дел од пакетот антикризни мерки ќе важи заклучно со понеделник, 12 октомври. Дотогаш граѓаните имаат можност да пазарат поевтино, односно со ослободување од данокот на додадена вредност.
„Го чекав викендот за да купам компјутер. Повратот можеби не е голем, но 5% сепак не се за фрлање“, коментира Душко Д., кој поволноста планира да ја искористи за да го реши проблемот со онлајн наставата за своето дете.
Бенефитот сепак нема да биде за сите, односно можноста да искористат ќе ја имаат само граѓаните кои скенираат фискални сметки, односно ја имаат апликацијата „Мој ДДВ“. Според проценките, станува збор за околу 350.000 корисници. За купување компјутер и ИТ-опрема, повратот на ДДВ изнесува 5%. Позначително е ослободувањето за македонски производи, односно можноста за поврат на 18% ДДВ.
„Ќе беше подобро да важеше за се’. Разбирам дека со ова се помага и домашната индустрија која е на удар од кризава со пандемијата, но вака малку е ограничувачки“, коментира Душко.
Можноста за граѓаните е можност и за трговците кои деновиве очекуваат екстра профит.
„Имаме доста понуда, иако добар дел од лаптопите, или барем оние со пониски цени се разграбаа со стартот на учебната година. Очекуваме навалица и затоа и се засиливме со персонал, не само заради услугата, туку и заради обврската да се обезбедат условите за безбедно купување. Во овие услови тоа е многу важно и за нас, за да може и купувачите да се чувствуваат безбедно“, изјави за Дојче веле Горан, раководител на еден од големите маркети за продажба на техника.
Во пресрет на викендот засилија и критиките за тајмингот на акцијата - среде пандемија и во услови на зголемени бројки на заразени од Ковид 19.Дел од епидемиолозите предупредија од преголем ризик и апелираа на поголема мобилизација на надлежните и почитување на мерките за заштита, но и користење на можностите за купување по електронски пат. Оваа опција почнува се’ повеќе да се користи и од страна на граѓаните, но и од страна на трговците:
„Онлајн понудата ни е многу детална, а и граѓаните почнаа доста да ја користат поради состојбата со пандемијата. Ние продаваме техника, но гледам дека има широка понуда на пазарот, дури и на прехранбените производи и тоа е добро“, смета Горан од маркетот за продажба на техника.
Надлежните најавија засилено присуство на терен од страна на сите инспекции. Ќе се контролира примената на здравствените протоколи, но и евентуалните манипулации со цените на производите. Очекувањата се дека преку оваа мерка ќе се оствари промет од 170 милиони евра кои ќе бидат инјекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра преку повратот на ДДВ.
„Проектот ’Викенд без ДДВ’ ќе значи пари назад на сметките на граѓаните, поддршка на приватната потрошувачка и зајакнување на домашниот буџет. Во период на сериозна глобална здравствена и економска криза, државата застанува зад секој поединец, зад секој приватен субјект кој е погоден од негативите последици“, порачаа од СДСМ.
Опозицијата пак критикува за тајмингот, но и за доцнење на проектот. Сметаат дека граѓаните нема да имаат никаква корист и забележуваат дека проектот е наменет само за тие кои имаат „паметни телефони“ и се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“.
„Оваа мерка предлагаме да биде спроведена во четири викенди, еден во месеците ноември и декември годинава и по еден викенд во јануари и февруари следната година. Така ќе се заштити здравјето на граѓаните и ќе нема турканици во продавниците, а истовремено ќе се зајакнува економијата и ќе се помага на производителите на македонски производи“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
За враќање на целиот износ на данокот на додадена вредност граѓаните треба да ги скенираат фискалните сметки во рок од три дена од нивното издавање преку апликацијата „Мој ДДВ“. Максималната сума за која ќе се прави поврат на данокот е за купени производи со вредност до 30 илјади денари од лице.
„Системот овозможува по автоматизам за делот од 25 илјади денари да ви се врати, доколку станува збор за македонски производи, цел износ на ДДВ, а за другиот дел од разликата кои не се домашни производи, повратот ќе биде според редовниот поврат на ДДВ“, изјави Фарук Омери, директор на УЈП.
Од Управата за јавни приходи соопштија дека граѓаните ќе ги добијат парите назад на нивните сметки во период до 15 денови откако тие ќе бидат евидентирани во системот на УЈП.
Викендот без ДДВ се спроведува за првпат во С. Македонија. Таа е една од првите оперативни мерки предвидени во четвртиот пакет антикризни мерки кој неодамна беше усвоен. За да може да стапи на сила, беа направени и законски измени кои беа изгласани вчеравечер во парламентот. Најголем дел од пратениците на опозицијата беа воздржани.