1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вина и одговорност

Феликс Штајнер / превод: ЗЈ23 јуни 2016

И по еден просечен човечки век од германскиот напад врз Советскиот Сојуз, таа војна не е заборавена. Од историската вина истовремено произлегува и одговорност за сегашнината, смета Феликс Штајнер.

https://p.dw.com/p/1JBsq
Германски воени гробишта во СебежФотографија: picture-alliance/dpa

Само затоа што денес има помалку политички манифестации за сеќавање на војната против Советскиот Сојуз отколку за многу други историски годишнини и на нив не учествуваат толку истакнати личности, не значи и дека таа војна не е присутна во меморијата на Германците. Оти практично и нема големо германско семејство во кое барем еден член не загинал во Русија.

И, сѐ додека беше жива генерацијата на војниците од фронтот, таа војна беше тема на разговори при секоја семејна средба. Мене, како подоцна роден, на пример, ми останува незаборавно ракувањето со мојот прадедо Рихард: осакатена рака со само уште дваипол прста – другите премрзнале во руската зима 1941.

Непотполни сеќавања на сведоците на тоа време

Проблем на сите тие фамилијарни традиции на сеќавања е дека никогаш не беа целосни. Тие се концентрираа на сопственото страдање во војната и заробеништвото. Речиси никој од сведоците на тоа време никогаш не го тематизира фактот дека таа воја, за разлика од походите на Запад, Север и на Југот на Европа, беше свесно злосторничка. Тие не зборуваа за систематското запленување стока и жито, што значеше сигурна смрт на цивилно население, како ни за буквалното оставање на милиони советски воени заробеници да умрат.

А сепак тие празнини во колективната меморија на Германците одамна се затворени: нема учебник по историја за повисоките класови, во кои не е тематизирана и документирана „комесарската наредба“ на германскиот Вермахт, која е јасно кршење на меѓународното воено право. Секој донекаде образован човек во Германија знае и дека од 22. јуни 1941. не се водеше само војна против еден политички систем или една држава, туку и против секој поединечен нејзин жител, класификувани како „луѓе од пониска категорија”.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Во таков историски фон и натаму, по 25 години, се чини како чудо дека тогашниот Советски Сојуз во 1990. година даде благослов за повторното германско обединување. Едно јасно „не” човечки би било повеќе од разбирливо. Веројатно тоа се должи на довербата што ја изградија еден кон друг тогашните челници Михаил Горбачов и Хелмут Кол. Двајца мажи кои како младинци и самите ја доживеаја таа војна и поради тоа знаеја што одговорни политичари никогаш повторно не би смееле да им го сторат на своите народи.

Да се зачува сеќавањето, да се почитува правото

Од германската историја произлегува одговорност - кој не го знае тоа од политичарите на сите партии во оваа земја? Прво, одговорноста да се одржи свежо сеќавањето на историското неправо. Второ, спрема жртвите на германската агресија постојано да се настапува со свест и знаење за стореното – оти истите лузни, кои ги остави таа војна во германските семејста, логично ги има и во руските, белоруските и украинските семејства, и тоа во уште многу поголеми размери. И токму поради тоа од германска страна никогаш нема да биде прекината нитката на разговори, оти политички решенија мора да бидат изнајдени на конференциска маса, а не на бојно поле.

Но, историска одговорност не значи и дека без поговор треба да биде прифатено отворено кршење на правото, како анексијата на Крим, и секоја провокација на истокот на Украина или каде и да е, само поради тоа што си историски должник. Не, Германците научија од времето на националсоцијализмот дека кршењето на правото мора веднаш да се сузбива, а не дури кога ќе биде доцна. Аписмент (стишување, н.з.) не спречува војна, тој само ја одложува.