1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистински тон во вистински момент

Руперт Видервалд
4 октомври 2017

Наместо по кој знае кој пат да држи говор за германското единство, сојузниот претседател Штајнмаjер ги конфронтираше Германците со исходот од неодамнешните избори. И го погоди вистинскиот тон, смета Руперт Видервалд.

https://p.dw.com/p/2lAi6
Tag der Deutschen Einheit in Mainz
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Невообичаен беше говорот кој Франк-Валтер Штајнмајер го одржа во Мајнц. Како сојузен претседател, неговата должност е да биде натпартиски, а сепак да пренесе став. Најдобро е ако отвора дебати без притоа да го одреди исходот. Често, ова води кон фактот дека сојузните претседатели одржуваат многу добро избалансирани говори кои се пријателски, отворено не напаѓаат никого и затоа честопати се малку здодевни. Така, на Денот на германското единство, ќе беше нормално сојузниот претседател да ги нагласи успесите по 27 години од обединувањето на источна и западна Германија и да ги скицира проблемите кои сѐ уште постојат.

Во Мајнц, сојузниот претседател Штајнмаjер токму тоа не го направи. Наместо тоа, како шеф на државата, тој ги коментираше неодамна одржаните избори за Бундестагот, и нивниот резултатот го зема како повод да зборува за нови ѕидови кои не ја делат земјата, туку населението. И апелираше да не се дозволи разликите да станат отворени непријателства. Притоа обврска да го спречат тоа имаат сите, рече Штајнмаjер, и граѓаните и политичарите. Важно беше да се слушне ова од сојузниот претседател.

Штајнмаер бара закон за доселување

Штајнмаjер предупреди дека Германците мора повеќе да разговараат меѓу себе, наместо само да ги нишаат главите едни за други - една само по себе едноставна вистина. Но, она што впрочем  Штајнмаер го мисли е: расправајте се меѓу себе, зборувајте за разликите, одважете се. Ова не е ништо повеќе од повик за дебати, какви што во Германија не се водат премногу често.

И Штајнмајер го именува најважниот проблем: имиграцијата. Според Штајнмајер, Германија не може едноставно да си посака да се ослободи од миграцијата, туку напротив, мора да создаде правила кои дозволуваат легален пристап за имигрантите. Накратко: Штајнмајер бара закон за доселување. Ова, исто така, може да се сфати како критика на канцеларката Ангела Меркел - имено демохристијанските партии досега успешно го блокираа ваквиот закон за имиграција.

Rupert Wiederwald Korrespondent Hauptstadtstudio
Руперт Видервалд, автор на коментаротФотографија: Faceland Fotostudio

И Штајнмајер во овој контекст се осврна и на една друга дебата, која многумина ја водеа под  генералниот поим - водечка култура. Што значи да се биде Германец, што е родина? Само по себе тоа е најтенкиот мраз на кој може да се впушти германски политичар - но Штајнмајер успеа да балансира: германски значи признавање на германската историја и на демократските вредности - а тоа исто така треба да важи и за доселените. Во исто време, тој ја дефинира родината индивидуално - секој има поинаква идеја за родината во себе. Збирот на овие индивидуални родини ја прави Германија земја каква што е.

Граници за АфД

Шефот на германската држава истакна дека почитувањето на германската нацистичка историја е тема за која нема преговарање, особено не ако станува збор за пратеници, и на тој начин јасно ги постави границите за новата десничарска популистичка партија во Бундестагот. Без да ја споменеме Алтернатива за Германија со ниту еден збор.

Толку многу мислење ретко може да се чуе од еден сојузен претседател - и ретко кога тоа било толку неопходно. Во тешки времиња потребен е компас, став. И каде, ако не и на централната прослава за германското единство, сојузниот претседател можеше да им се обрати на сите Германци? И кога, ако не и сега, сојузниот претседател требаше да се осврне на последиците од изборниот резултат од 24.09.? Тоа беше вистински говор во вистинско време. Канцеларката Меркел, патем, во нејзината изјава по повод Денот на германското единство зборуваше за многуте работи кои беа успешни во последниве години. Ова може да даде сила за решавање на проблемите.