1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влада во Италија: Што ќе остане од шупливите повици?

Бернд Ригерт
22 мај 2018

Популистичката влада во Италија не падна од небо, туку беше избрана. Нејзината програма крие експлозивност за ЕУ.

https://p.dw.com/p/2y5Wu
Symbolbild | Italien nach Referendum
Фотографија: imago/R. Peters

Италијанците во основа не им веруваат на своите политичари, кои потценувачки ги нарекуваат „каста“. Италијанските политичари ретко го спроведуваат она што го ветиле во предизборната кампања. Кога еднаш ќе стигнат на власт, често го прават она што им е од полза. Тоа е повеќе или помалку железниот закон во политичкиот живот на Италија. Сега на власт се националистичките популисти од крајната десница и од левицата.

Тие ветуваат историски пресврт, револуција, вистинска грижа за граѓаните. Дали железниот закон веќе не важи? Или новата, неискусна, но полна со самодоверба коалиција наскоро веќе нема да се сеќава на амбициозните и делумно опасни цели од својот коалиционен договор и повеќе ќе се занимава со сопственото опстојување на власт? Иако звучи чудно, во интерес на Италија и на Европа би било повторно да се активираат старите механизми и националистичката револуција да не успее.

Премиер како смоквин лист

Останува надежта дека „ноу нејм“-премиерот, правник, ќе ги ублажи најрадикалните претстави на популистите. Доколку на професорот Џузепе Конте не му успее чекорот по тенката линија на компромисот на екстремите, тој веројатно наскоро ќе биде сменет.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Двајцата партиски лидери од протестното движење 5 ѕвезди и националистите на Лега Норд на своите приврзаници им ветија неверојатни работи: ниски даноци, социјални услуги, рано прензионирање, поповолни ЕУ-правила, економски пораст, помалку бирократија и сето тоа делумно со позајмици. Алфа-мажјаците Ди Мајо од 5 ѕвезди и Салвини од Лега Норд ќе се обидат да го претворат премиерот во своја марионета и да го злоупотребуваат како смоквин лист за популистичките игрички за моќ.

Празни фрази не се програма

„Италија на прво место“ е шупливиот повик за борба на новите господа во Рим. Од тоа на секој Европеец ориентиран кон порамнување му лазат морници. Ако секој го бара истото, од солидарноста меѓу народите нема да остане многу. „Од нас никој не мора да се плаши“, грми десноекстремниот партиски шеф Матео Салвини. Но, мора! Мора да се стравува за ЕУ, зашто популистите би можеле со неодговорна фискална политика брзо да ја разнишаат еврозоната.

ПовеќеПреговори за влада во Италија: Се наѕира крај на агонијата

„Италија не е Грција“, велат коалиционите партнери во Рим. Тоа е точно. Италија, земјата која е меѓу основачите на ЕУ, е поголема од Грција, но има долгови кои прекипуваат. Би било речиси невозможно Италијанците да се опфатат со европски чадор за спас како што тоа беше сторено со Грците.

Во предизборието популистите го оквалификуваа еврото и германските „комесари за штедење“ како извор на сите зла. Не би било исклучено тие и свесно да тргнат кон финансиска криза за да се ослободат од еврото. Италија преку ноќ би можела да воведе паралелна валута и да се катапултира себеси надвор од еврозоната. Финансиските пазари сакаат едноставно да ги игнорираат популистите. Европската централна банка со капиталот кој го пумпа сѐ уште им го крепи грбот на Италија и другите финансиски слаби држави. Прашање е до кога тоа ќе оди добро. Најдоцна кога ЕЦБ ќе ги зголеми каматите, за Италија може да стане многу непријатно.

Паника не помага

Националистичката Лега Норд би можела да торпедира голем број заклучоци на ЕУ во делот на миграциската и политиката на азил. Разумниот систем за распределба на мигранти станува уште подалечен. Освен затворање на границите и сите странци надвор, на Лега друго не ѝ паѓа на памет. Зарем тоа не влева страв? Ветувањата на Матео Салвини се празни. Италија ќе се промени и ќе се обиде да ја промени и ЕУ. Колку може, колку смее да им се излезе пресрет на новите радикали?

ЕУ во секој случај не смее да реагира панично. Возбудени повици, како оној на францускиот министер за финансии на викендот, повеќе го постигнуваат спротивното. Италијанците, и тоа не само популистите, реагираат исклучително нервозно на отворена критика однадвор. И тоа е еден од законите на италијанската политика.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија