Владата на Јанша го загуби мнозинството во парламентот
24 јануари 2013„Одлуката ја донесовме едногласно и всушност беше многу едноставна“, рече по состанокот на врвот на партијата нејзиниот претседател Грегор Вирант.
Причината е што премиерот Јанез Јанша не одговори на барањето на партијата во рок од десет дена да поднесе оставка по објавениот корупциски скандал и неговата Словенечка демократска парија да предложи нов мандатар на владата, што беше услов за останување во коалицијата. Имено, Антикорупциската комисија во Словенија објави извештај во кој се наведува дека Јанша и градоначалникот на Љубљана Зоран Јанкович го кршеле Законот за сузбивање на корупцијата и интегритетот на државните функционери. Тие исто така на комисијата не и’ ја пријавиле својата имотна состојба и состојбата на банкарските сметки.
Лидерот на Граѓанската листа вчера вечер соопшти дека словенечкиот парламент ќе биде известен в понеделник дека двајца министри од редовите на оваа партија ја напуштаат Владата. Се работи за министрите за финансии Јанез Шуштерчич и министерот за јавна управа Сенко Пиличанич. Вирант рече и дека истиот ден ќе поднесе оставка на местото претседател на словенечкиот Парламент.
Со ова се продлабочи политичката криза во Словенија, па во земјата веројатно ќе се одржат предвремени парламентарни избори, по оние од пред 14 месеци, бидејќи заминување од владата веќе најавија и Демократската партија на пензионерите и Словенечката народна партија. Со напуштањето на коалицијата од страна на „Граѓанска листа“, Владата на Јанша остана без мнозинство во Парламентот. Владата во наредниот период ќе функционира како малцинска.