Влатко Илиевски нема што да изгуби
12 мај 2011Со приближувањето на големиот настап пред публиката во Диселдорфската арена, но и пред милионите телевизиски гледачи, атмосферата во македонскиот тим е опуштена. Три години по ред Македонија не успева да влезе во големото финале, а Влатко и неговата „Русинка“ ќе се обидат да ја прекинат оваа пауза. Но, дури и да не се влезе во финалето, најважно е достоинствено да се претстави Македонија, смета Влатко:
„Што и да се случи вечерва, мислам дека добро ќе поминеме, но ако влеземе во финалето, тоа ќе биде само уште една потврда за успешно завршен проект. Доколку се освои некое повисоко место, тоа ќе биде добра промоција, како за мене, така и за Македонија.“
Искуството е најголемата придобивка
Организацијата на германскиот домаќин е беспрекорна, проценува македонскиот претставник. Влатко нагласува дека настапот на Евровизија го гледа, пред се`, како големо искуство:
„Секој изведувач тука се учи на голема дисциплина. Ова е голема школа за нас, можеме само нешто да добиеме, немаме што да изгубиме.“
На втората полуфинална вечер ќе настапат претставниците на 19 земји. Меѓу останатите и Босна и Херцеговина, на која и` се припишуваат дури и шанси за победа, потоа Словачка, Бугарија, Словенија и Романија. Претставниците на Естонија и Шведска исто така настапуваат вечерва, а тие важат и за едни од сигурните десет патници во финалето. Влатко вели дека кога станува збор за гласањето, не постојат правила. Некогаш се добиваат поени и од земји, од кои тоа најмалку се очекува. Сепак, македонскиот рокер се надева на симпатиите од Босна и Херцеговина, Бугарија и останатите поблиски земји.
Преносот и стискањето палци почнуваат во 21 часот.
Автор: Трајче Тосев
Редактор: Борис Георгиевски