ВМРО-ДПМНЕ: На дневен ред да биде распуштање на парламентот
12 февруари 2020Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе бара денеска на дневен ред да биде ставена нивната иницијатива за распуштање на парламентот. Ова вчера го најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во неговото обраќање на свечената седница по повод ратификацијата на Северноатланскиот договор.
„Господине Талат Џафери, денес се гласа протоколот за членство на земјава во НАТО. Очекуваме, или да ја уважите иницијативата која ја испративме за распуштање на ова Собрание, или пак вашата, затоа што очекуваме утре (12-ти февруари - н.з.) да ја ставите точката на дневен ред, да се распушти парламентот и да се распишат предвремени парламентарни избори на кои народот ќе одлучува и ќе ја преземе судбината на оваа земја во свои раце“, порача Мицевски во обраќањето.
Притоа се осврна и на последните обиди да се донесе законот за Јавното обвинителство пред распуштањето на парламентот.
„Не смееме да станеме држава каде ова Собрание ќе носи закони со кои државата ќе носи за едни правда, за други неправда, држава во која со закон ќе се штити владејачката елита од амнестија за сомнежите за криминал и корупција“, рече Мицевски.
Опозицијата не отстапува
До утрово на веб-страницата на парламентот не е закажана седница за распуштање на овој собраниски состав. Од опозициската партија тврдат дека остануваат на барањето парламентот да се распушти на 12-ти февруари, и не ја коментираат најавата на Џафери дека постои можност тоа да се случи на 16-ти февруари. За да биде усвоен предлогот за распуштање на парламентот, потребни се најмалку 61 глас.
Повеќе:
-Усогласен законот за ЈО: „да“ за правда, „не“ за реваншизам
-Талат Џафери: Моите одлуки ги диктира законот
-А, Мицкоски да предложи експертска влада
За денеска во парламентот се закажани седници на повеќе собраниски комисии. Меѓу нив е и седницата на Комисијата за европски прашања, на која треба да заврши расправата за предлог - законот за Јавното обвинителство и за предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со решенијата во текстот на законот за ЈО, особено не со членот 110.
„Со членот 110 став 1 од Законот за јавно обвинителство се предвидува сите незаконски снимени материјали да не може да служат за индиција врз која Обвинителството ќе може да отвори истрага, односно на овој начин Заев се обидува да се амнестира себе си и Катица Јанева, за да не може да важат за нив објавените снимки“, соопшти партијата.
Покрај законот за ЈО, до распуштањето на парламентот требаше да бидат усвени измените на Изборниот законик согласно со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и Законот за одбрана, за кој е потребно двотретинско мнозинство.
Притисоци врз пратениците
ВМРО-ДПМНЕ се противи и на донесувањето на законот за Армијата, затоа што со него АРМ треба да биде преименувана во Армија на Република Северна Македонија. Мицевски во вчерашното обраќање се осврна и на овој аспект.
„Власта свесно го премолчува дека во самиот договор со Грција пишува дека називите на одредени институции, установи, органи, или документи коишто се претежно за внатрешна употреба во државата, ќе треба да почнат да се менуваат откако ќе почнат преговорите на Македонија со ЕУ во таа област, односно со секое ново отворено поглавје (...) Затоа сметаме дека во овој момент не треба да се политизира ова прашање за Законот за Армијата, а името на Армијата може да биде еден дел од достоинството кое што припадниците на Армијата го заслужиле од земја која што ќе биде полноправна членка на НАТО“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
А што со достоинството на пратениците? - реторички коментираат за ДВ дел од нив, спомнувајќи „невидени притисоци“, со цел да не гласаат за законот за ЈО. На ваквиот аспект вчера се осврна и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив и поранешни пратеници, вршат притисок врз пратениците. Имав согласност од 80 пратеници дека ќе го поддржат и затоа законот беше пуштен. Имав збор, но тоа што се случува е вистинска драма“, изјави Заев, додавајќи дека притисокот што се вршел врз пратениците е многу поголем од оној за време на уставните измени.
Тој повика да се остават пратениците да одлучуваат по сопствено убедување, и изрази надеж дека ќе донесат вистинска одлука.