ВМРО-ДПМНЕ пред тежок избор: Христијан или Мицкоски?
22 декември 2017Со еден кандидат за лидер, ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе го отвори 16. партиски Конгрес во Валандово, а веќе утре 544 делегати ќе треба да се изјаснат за понудениот избор.
„Што да кажам... Па дури и избор на претседател на Куќен совет се спроведува во подемократска атмосфера и со поголем број кандидати“, вели за ДВ еден од делегатите на Конгресот. Се „крши“ дали да присуствува на таков Конгрес, во кој однапред сѐ се знае. Десетина други неофицијално веќе најавуваат дека нема да присуствуваат, но не исклучуваат дека може да бидат ставени под притисок „задолжително“ да се појават во Валандово.
„Никого не повикувам на бојкот. Моето отсуство од Конгресот е личен чин, израз на мојот отпор кон брзањето да се одржи Конгрес по секоја цена, а на штета на демократската процедура и со суптилно фаворизирање на еден кандидат“, вели истакнат член на партијата.
Мицкоски: Очекувам успешен Конгрес!
До вчера во Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ стигнале две кандидатури за претседателската функција - една од Генералниот секретар Христијан Мицкоски и уште една од „не многу познат член на партијата“, која била отфрлена како неуредна. Покрај Мицкоски, единствениот кој обезбеди потписи за кандидатура беше Јовица Страшевски, поранешен директор на Агенцијата за безбедност во железничкиот сообраќај. Иако вчера потписите ги донесе во партиското седиште, веднаш потоа изјави дека се откажува од кандидатурата во име на единството во партијата. Тоа меѓу членството беше доживеано како дел од договорената игра на партискиот врв да покаже дека немало проблем да се соберат потписи, а потоа, со божем доброволно откажување на Страшевски, да обезбеди концентрирање на гласовите на делегатите кај Мицкоски.
И покрај ваквите случувања, Мицкоски синоќа изјави дека „очекува успешен Конгрес и избор на претседател“. За да биде избран, на Конгресот треба да присуствуваат најмалку две третини од делегатите, а повеќе од половина од вкупниот број да гласаат за него. Запрашан за тврдењата за притисоци врз делегатите од негова страна, тој рече дека станува збор за „неаргументирани обвинувања“.
„Целата трка ја водев демократски, со свој тим на поддржувачи кои ја промовираа мојата програма, и се надевам дека ќе успеам да ги убедам делегатите и да бидам избран за иден претседател на партијата“, рече тој, додавајќи дека „партијата била, е, и ќе остане единствена“.
Повеќе на темата:
Притоа, иницијаторите за одложување на Конгресот ги опиша како „прекрасни личности“.
„Тие со својата конструктивност и минат труд во партијата придонесле многу и има што да придонесат во иднина, така што нивниот капацитет ќе биде искористен максимално во идниот период, сѐ со цел да го поразиме противникот, а тоа е Владата на СДСМ. Станува збор за мои колеги, со кои сме поминале многу партиски битки и сме извојувале многу партиски борби. Како човек сум демократ, сите што ме познаваат знаат дека сум прифаќал различни мислења, кои што значат додадена вредност и за себе, и за политиките на партијата, и тие се добредојдени ако се аргументирани со факти“, изјави Мицкоски.
Димовски: Потребен е нов концепт!
„Јас сум поминал многу партиски битки, ама не се сеќавам дека во некоја од нив бил присутен и Мицкоски. А ако навистина се смета за толку голем демократ, тоа лесно можеше да го докаже со откажување од учество во изборот за претседател во вакви околности“, вели еден од иницијаторите за одложување на Конгресот.
Таквата иницијатива завчера беше отфрлена од Извршниот Комитет. Но за атмосферата во која бил донесен заклучокот, зборува и фактот дека на седницата не присуствувале голем број од членовите на ИК, кој има 33 членови. Отсуствувале Никола Попоски (кој си даде оставка од сите функции), Никола Тодоров, Емил Димитриев, Зоран Илиоски, Нермин Теловска, Џери Наумоф, Диана Транталовска и Анета Стојановска-Стефанова. „За“ одложување на Конгресот гласале само Антонио Милошоски и Илија Димовски, „воздржани“ биле Зоран Ставревски, Александар Николоски и Зекир Рамчиловиќ, а останатите гласале „против“ одложување на Конгресот.
Илија Димовски, пред синоќешната предконгресна седница на Централниот Комитет ги повтори претходните забелешки.
„Овој Конгрес не ги исполнува демократските стандарди. Од тие причини, и јас и други имиња кои се спомнуваа во јавноста, одлучивме да не поднесеме кандидатура. Фактот дека ќе има само еден кандидат е изненадувачки, и не позитивен за партијата. Се надевам дека партијата ќе разбере дека е потребен нов концепт, поголем степен на разумност и отвореност, транспарентност и демократичност, со цел да покажеме дека можеме да бидеме подобри од СДСМ и да ја смениме оваа неуспешна и штетна власт“, изјави Димовски, потенцирајќи дека се надева оти „она за што иницијаторите јавно проговориле, ќе биде разбрано во добра смисла“.
Повеќе на темата:
-Бунт во Белата палата: Вмровците против „манџуриски кандидат“
Најави дека останува во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи 20 години е во партијата и дека ќе продолжи гласно да зборува за концептот што го заслужува партијата и над 100.000 нејзини членови. Запрашан како пратеничката група ќе соработува со идниот претседател, тој рече: „Ќе соработуваме на оние теми за кои се согласуваме. За оние за кои нема да се согласуваме, партијата ќе мора да се научи да прифаќа и различни ставови по одредени прашања. Пратеничката група е составена од исклучително квалитетни личности кои имаат личен кредибилитет и секој од нив има право да одлучува така како што размислува. Тој принцип на плурализам во пратеничката група го одржуваме долго време. Таа пратеничка група се најде на удар од сите страни, но успеавме да го зачуваме единството, а се надевам дека така ќе биде и во иднина“, изјави Димовски.
Сите виновни, врвот - не!
Членови на партијата сметаат дека главната моторна сила на ВМРО-ДПМНЕ во овој момент останува пратеничката група, а не наместен претседател. За штетите што ќе ги претрпи партијата од таков недемократски избор, прстот го вперуваат во Никола Груевски.
„Иницијативата за одложување на Конгресот и негова нова демократска подготовка, фактички беше отфрлена уште пред да се одржи седницата на ИК, со изјавата што ја даде Груевски - дека одлуката за вонреден конгрес на 22-ри и 23-ти декември во ИК била донесена едногласно. Со тоа тој кажа каков заклучок треба да донесе ИК: да не дозволи одложување на Конгресот! Неговата аргументација е неоснована. Точно е дека таа одлука на ИК беше едногласна. Но, тогаш и не можеше да претпоставиме дека ќе се соочиме со нелојална конкуренција при постапката за кандидирање. Ако тргнеме од таа 'логика', треба да потсетиме дека и ВМРО-ДПМНЕ се согласи за датумот за одржување на локални избори, но денес истите не ги признава поради забелешки за голем број изборни нерегуларности. Кога партијата се согласила со датумот за избори, исто така не знаела со што ќе се соочи во текот на кампањата и во двата круга од изборниот процес. Истото важи и во овој случај“, велат нашите соговорници.
Но, не се изненадени што ваквата аргументација не била прифатена.
„Се мижи пред тие аргументи, но и пред сопствените слабости. Доказ за тоа е што и во анализата за одржаните локални избори, не е утврдена никаква одговорност на партискиот врв - ни критика, ни самокритика. За резултатите како виновни се утврдени сите други, пред сѐ, екстерни фактори, но не и раководни и внатрешни слабости“, велат членови на ЦК.
По ваквиот развој, велат дека за огромен дел од членството главното прашање не е - дали ќе биде избран партиски претседател на сегашниот Конгрес, туку - кога ќе се одржи вистинскиот конгрес?