1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ со политика на изолација

15 јануари 2018

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ треба да ги отфрлат неразумните инструкции од раководството и да ја поддржат ратификацијата на Договорот, порачува Ненад Новковски, професор и екс-министер во една од владите на ВМРО-ДПМНЕ

https://p.dw.com/p/2qqSi
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Усвојувањето на предлог-законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, кое е на дневен ред на денешната седница на македонското Собрание, ќе биде бојкотирано од пратениците на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ. Иако од партијата ветуваа дека ќе ги поддржат сите проекти од интерес за интеграциските процеси на државата, тоа нема да се случи кога е во прашање историскиот Договор меѓу Македонија и Бугарија.

„Демократско, народно и европско ВМРО-ДПМНЕ е нашата цел!“, напиша Александар Николоски завчера до членството, по неговиот избор за потпретседател на партијата. Вчера беше недостапен да одговори дали со бојкот се гради патот до „европско ВМРО-ДПМНЕ“.

Повеќе на темата:

-Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ - добитничка или губитничка стратегија?

-Договорот со Софија: Многу врева за ништо спорно

-Вмровци во егзил

Други функционери од партијата, кои инсистираат да не бидат именувани, за ДВ објаснуваат дека и денешниот бојкот е реакција против притворот на нивните пратеници за настаните од 27-ми април. Немаат одговор на прашањето - каква валидност има резолуцијата за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО што ја усвоија на последниот Конгрес, ако ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира сите чекори кои водат кон тие цели, меѓу кои се и договорите за добрососедство.  

 

ВМРО-ДПМНЕ тоне во изолација

Ова е исклучително поразителна одлука на новото раководство на партијата, коментираат аналитичари за ДВ, оценувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ на таков начин нема да го врати изгубениот имиџ ниту на внатрешен, ниту на меѓународен план, туку дополнително ќе се зацементира како партија што инвестира во ретроградни  политики на изолација.

Mazedonien, Konvention der VMRO-DPMNE Partei in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„На денешнава седница на Собранието е една точка од исклучително значење за напредокот на земјата во процесот на европска интеграција, што претставуваше врвен приоритет при фундирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ пред четврт век“, вели Ненад Новковски, универзитетски професор и поранешен министер во една од владите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во овој историски момент, изненадува неодговорното однесување на пратениците од групата на сегашната партија ВМРО-ДПМНЕ што се декларира за наследник во континуитет на главната линија на десната опција во Македонија, на линијата на Европската народна партија, којашто има носечка улога во процесите на европска интегрција, а особено во овој период на новата засилена иницијатива за забрзување на доближувањето на земјите од Западниот Балкан до ЕУ. Најавеното отсуство на овие пратеници е ужасен сигнал кон ЕУ и меѓународната заедница пошироко, дека во еден клучен сегмент од политичката сцена не постои подготвеност за поддршка на овој исчекор за којшто се подготвуваме повеќе од две децении“, потенцира Новковски.

Според него, ратификцијата на Договорот е неспорна од секој аспект.

„Прво, Договорот е дел од поширока меѓународна инцијатива којашто за прв пат на ова највисоко ниво ја вклучува Македонија како релевантен субјект - самостојна држава, со што се отстрануваат основите на неправдата нанесена на земјата со Букурешкиот договор од 1913 година, кога таа не била претставена. Како таков, тој договор е хармонизиран со повеќе други акти што ќе стапат на сила во наредниот период во функција на забрзаното интегрирање во ЕУ. Второ, овој чин овозможува Македонија на ефективен начин да покаже дека не е кочничар на европските процеси. Во такви околности, најправилниот потег на пратениците од оваа група би бил да ги отфрлат неразумните инструкции од партиското раководство и да се придружат во подддршката на свечениот чин на ратификација на Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, како отворање на големата врата за забрзан влез во Европската Унија“, порачува Новковски. 

Притоа ги потсетува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека парламентарното мнозинство ја одложи оваа точка, за да овозможи опозицијата да го заврши процесот на смена на раководството и да ги конституира сите органи по вонредниот конгрес.

„Имаат морална обврска да одговорат на овој гест на толеранција со извршување на својата основна задача, која во овој момент е едновремено и дел од мисијата на ВМРО-ДПМНЕ истакната при создавањето на партијата“, вели Новковски.

Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Фотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Програма на бугарското претседателство со Советот на ЕУ

Бугарските медиуми кои денеска го најавуваат ратификувањето на Договорот, без големо изненадување нотираат дека тоа ќе се случи без присуство на опозицијата.
„Партијата, тогаш предводена од Груевски, покажа силен отпор против идејата за Договорот потпишан на 1-ви август при посета на премиерот Бојко Борисов на Скопје и средбата со неговиот македонски колега, Зоран Заев“, пишува бугарскиот весник „Дневник“, потсетувајќи дека Договорот во практика го проширува стариот документ (Декларацијата за добрососедство од 1999 година-н.з) и дека неговата ратификација во парламентот во Софија исто така ќе се реализира во јануари.

Инаку ратификацијата на Договорот во македонското Собрание се случува токму на денот кога пред 26 години (15 јануари 1992 година), Бугарија ја призна Македонија за суверена и независна држава. Бугарија е воедно и првата земја што ја призна независна Македонија. Ратификувањето ќе уследи откако денеска на седница на собраниската Комисија за европски прашања бугарскиот амбасадор во Македонија Иван Великов Петков ќе ја презентира Програмата и приоритетите за работа на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, на која ќе биде изложена и визијата за забрзана интеграција на Западен Балкан.

Покрај бугарскиот амбасадор, на седницата свои излагања ќе имаат и претседателот на собраниската Комисија Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и aмбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. На седницата, покрај пратениците, поканети се и претставници на Дипломатско-конзуларните претставништва во Македонија, на меѓународни организации и на домашни и странски невладини организации.