ВМРО-ДПМНЕ започнува со блокада на Собранието
9 мај 2022ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партии донесоа одлука за започнување наблокадата на Собранието. Блокадата започнува од утре и ќе трае се до распишување предвремени парламентарни избори. Идејата, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски е да се „попречат штетните закони и политики“. Најголемата опозициска партија најави дека и покрај блокадата ќе учествува на претстојната расправа за ребалансот на буџетот.
Од опозицијата најавуваат дека „се што е штетно ќе биде блокирано“. „Ќе има активна блокада за спас од ценовните шокови, блокада на криминалната банда и лицемерието на власта, блокада за спас од сиромаштијата. Ќе почнеме од Собранието зашто таму се носат штетни закони. Се што е штетно ќе биде блокирано, но има и процеси кои на дневна основа треба да течат. Следува ребаланс на буџетот на кој активно ќе учествуваме и ќе ги кажеме сите забелешки и ставки преку кои мислат да го испразнат буџетот“, вели координаторот на пратеничката група.
Одлуката за блокада била донесена едногласно. На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Одлуката за активна блокада на Собранието претходно ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, откако премиерот Ковачевски не ја прифати поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за средба на која ќе стане збор за предвремени избори.
„Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија“, порача Мицевски. Тој вели дека опозицискиот блок е подготвен да оди до крај „за да ја осигура иднината на граѓаните“.
Неодговорна и штетна одлука
По одлуката на опозицијата за блокада на Собранието, од СДСМ реагираат дека станува збор за неодговорна, штетна и антидржавна одлука.
„Мицкоски, по нарачка на Никола Груевски, прави се државата да има дополнителни проблеми во време на најголема светска економска и енергетска криза, среќен единствено кога создава блокади. Сето ова Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го прават во обид да ја покријат неспособноста на нивните градоначалници, но и криминалот во нивните редови потврден со признанија и ефективни судски пресуди“, реагира владејачката партија. Според СДСМ, Собранието не е пазар, туку законодавен дом во којшто се носат закони од интерес на граѓаните. „Не може Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се пазарат кој закон ќе го блокираат а кој не. Сите закони блокирани од опозицијата се закони од интерес на државата и за добро на граѓаните и тоа е факт. Одговорни политичари не прават блокади, не уценуваат, не одмагаат, не се ситат кога на народот му е тешко. Туку спротивно на тоа, помагаат, работат, предлагаат, бараат решенија, нудат предлози“, се вели во реакцијата.