Внимавај, те снимаат
25 август 2017Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие ја посети железничката станица Зидкројц, една од најпрометните во Берлин. На оваа станица 24 часа дневно влегуваат и излегуваат илјадници луѓе. Министерот, меѓутоа, не беше заинтересиран за ефикасноста на станицата. Тој како човек задолжен за безбедноста во земјата сакаше да се увери колку е успешен пилот-проектот „Автоматско препознавање на лицето“.
Критичарите, како Паул Герстенркорн од здружението „Дигитална храброст“, бараат тој проект под итно да биде стопиран. Проектот, инаку, почна на почетокот на август и би требало да трае повеќе од 6 месеци. Со помош на техника која се користи во текот на тестирањето, може слободно да се дојде до многу повеќе информации отколку што заговорниците на проектот се подготвени да признаат, сметаат луѓето како Гестернкорн кои на станицата дојдоа во голем број за да изразат незадоволство од проектот.
Транспондерот кој го носат 300 луѓе кои се согласиле да учествуваат во тестирањето наводно испраќа податоци само за надворешната температура, статусот на батеријата и јачината на сигналот - така во контролната соба на железничката станица Зидкројц му беше објаснето на министерот. Противникот на проектот Гестернкорн меѓутоа тврди дека има сосема поинакви податоци: се бележи, како што тврди тој, и забрзувањето и аголот под којшто се наоѓа лицето кое е предмет на надзор. Тој вели дека со помош на мобилен телефон без проблем може да се види колку лица учествуваат во тестирањето во круг од околу 20 метри. И додека министерот Де Мезие одговара на прашањата на големата група новинари, на телефонот на Гестернкорн десет пати се појавува зборот „blukii“. Тоа е името на транспондерот кој се користи во тест-проектот. Неговите можности се огромни, смета и сојузната ополномоштеничка за заштита на податоци Андреа Фосхоф. Таа објаснува дека не се работи за пасивна, туку за активна техника.
За разлика од пасивниот чип, овој транспондер непрекинато и на сите страни испраќа информации кои може да ги види секој со помош на софтвер достапен за сите на интернет. За тоа, вели Фосхоф, учесниците во проектот „не се доволно информирани“. Тоа, според нејзе, „не е неважна ситница“. Затоа германската ополномоштеничка за заштита на податоците бара привремено запирање на проектот. Министерот Де Мезие не се согласува, а поддршка за тоа добива и од Сузане Трампе, жена која доброволно учествува во тестирањето. Таа тврди дека е „многу детално“ информирана за сѐ и не смета дека ѝ е нарушена слободата.
Во проектот не се сомнева ниту Рајнхард Тиме, кој исто така учествува во тестирањето. Напротив, тој смета дека секој облик на видео-надзор има смисла доколку придонесува за безбедност и разоткривање на насилнички дела. Тиме жестоко полемизира со противникот на проектот Герстенкорн околу обемот на надзор на јавни места.
На прашањето дали во својот смартфон ја деактивирал функцијата која го открива местото каде што се наоѓа, Рајнхард Тиме, инаку наставник по математика и физика, одговара потврдно. „Секој треба да тргне од себе“, ги советува Тиме оние кои се категорично против сѐ кога станува збор за безбедноста.
Таквото размислување му оди во прилог на Томас де Мезие, кој силно се залага за овој проект. Целта, вели министерот, не е да се ловат крадци по супермаркети, туку терористи и најтешки криминалци. По четири недели тестирање министерот оценува дека системот е „зачудувачки прецизен“. Притоа исклучиво мисли на софтверот со кој се препознаваат учесниците во тестирањето и чии фотографии се меморирани во компјутерите на сојузната полиција. Снимките од другите патници кои ги собираат камерите за надзор, како што тврди полицијата, „веднаш се бришат“.
По завршувањето на шестмесечното тестирање ќе биде донесена одлука дали автоматското препознавање на лицето од наредната година ќе биде во употреба на сите железнички станици, како и на други јавни места во Германија.