Во Венецуела нема лекови
19 февруари 2019ДВ: Господине Линднер, каква е актуелната ситуација на колумбиско-венецуелската граница, пред сѐ во Кукута?
Андреас Линднер: Ситуацијата од пред година и половина станува сѐ подраматична. Илјадници Венецуелци секојдневно ја преминуваат границата, остануваат во Колумбија или продолжуваат во други латиноамерикански земји. Само во Колумбија во меѓувреме има 1,2 милиони Венецуелци, во Еквадор над 200.000 луѓе, а во Перу повеќе од половина милион. Само во овие три земји има значи околу два милиона Венецуелци кои веќе не знаеле како да преживеат дома.
Како реагираше црвениот крст на големиот број бегалци?
Подигнавме две здравствени станици директно на граничниот премин во Кукута, а една директно зад граничниот мост функционира уште од 2017 година. Во меѓувреме имаме станици за медицинска помош и на границата кон Еквадор и долж бегалската рута во Колумбија. Многу венецуелски мигранти немаат пари да си купат ниту автобуски билет и затоа едноставно тргнуваат на пат пеш, одат по стотици километри до целта. Нив им помагаме со мобилни здравствени станици, каде на пример се третираат плускавците на стапалата. Луѓето пешачат со денови. Им даваме прехранбени намирници и хигиенски пакети, како и помош за географска ориентација, а ги советуваме и како може да влезат во соседната земја на легален начин.
На што се жалат бегалците?
Здравствениот систем во Венецуела е речиси распаднат, насекаде има недостиг од лекови и друг медицински материјал. На пример, жените кои пристигнуваат во Колумбија немале на пример пренатална контрола. Децата доаѓаат невакцинирани. Се разбира, доаѓаат и луѓе со хронични болести за кои нашите здравствени станици не се доволно опремени за да им пруижат помош.
Меѓународната помош не е доволна?
Во моментов меѓународното внимание се разбира е многу големо. Од Европската унија добивме голема помош, со која можеме да им помогнеме на луѓето долж бегалската рута од Кукута сѐ до Лима. Добивме поддршка и до Министерството за надворешни работи за двегодишен проект кој се концентрира специјално на колумбиската погранична провинција Норте де Сантандер. Сепак, добредојдена ни е, се разбира, секоја донација, зашто не може да се предвиди до кога актуелната ситуација ќе трае.
Што е со медицинската помош која сега стигнува на границата и треба да биде префрлена во Венецуела?
Тоа е многу исполитизирано прашање. Ние како Црвен крст, без оглед дали од германскиот, колумбискиот или меѓународниот, се договоривме да не учествуваме во оваа акција. Се разбира, и ние се подготвуваме за случај да може да биде доставена директна помош во Венецуела. Веќе сега складираме дополнителна помош, лекови и храна во Кукута, за случај во наредните недели или месеци да се отвори можност за директна помош во Венецуела.
Како, според Вас, ќе се развива хуманитарната ситуација во наредниот период?
Сметаме дека дури и при промена на ситуацијата во Венецуела, најголемиот дел Венецуелци нема да се вратат назад за многу кратко време. Значи среднорочно ќе биде неопходно да им се дава поддршка во соседните земји.
Тоа ќе биде многу голем предизвик пред сѐ за Колумбија, каде се избегани најголемиот број Венецуелци. Каква е атмосферата таму во моментов?
Колумбијците покажаа многу голема подготвеност за прием на бегалци, како населението, така и властите. Додека во земји како Еквадор, Перу и Чиле постојано имаше и има стремежи за отежнување на доселувањето, со тоа што на пример се бараат документи кои Венецуелците тешко можат да ги обезбедат, Колумбијците досега немаат поставено ограничувања. Напротив, 800.000 од 1,2 милиони бегалци се веќе регистрирани и со тоа имаат добиено и дозвола за престој во траење од две години, што значи може да престојуваат и да бараат работа во Колумбија.
А, како размислува колумбиското население?
Расположението сѐ уште е позитивно и во преден план е солидарноста. Но, се разбира, проблематично е што многу венецуелски бегалци мораат да прифаќаат работа која е многу малку платена, а тоа може да стане почва за кеснофобни расположенија. Доколку оваа ситуација трае со години, расположението би можело да се промени.
Андреас Линднер е раководител на регионалната канцеларија на германскиот Црвен крст за Латинска Америка во колумбискиот главен град Богота.