1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Во Германија се чувствувам како човек“

Немања Рујевиќ
15 декември 2016

Даниела дошла во Росток за да работи како медицинска сестра. За шестпати повеќе пари отколку што добивала за истата работа во Ниш.

https://p.dw.com/p/2UGJZ
Universitätsmedizin Rostock - Danijela Trajković, Krankenschwester aus Serbien
Фотографија: Universitätsmedizin Rostock

Самохрана мајка, дома две ќерки, студентки, стари долгови, нови сметки за кои нема пари - тоа, така да се каже, би била расходната страница. На приходната - само стотина евра колку што добива медицинска сестра во Ниш. Тоа е сижето на српското секојдневие на Даниела Трајковиќ, која од својата 19-та година работи по клиниките и одделенијата за итна помош. Денес има 45 години. „Работам секогаш на некакви договори, никогаш постојана работа. Директорот пред неколку месеци ме отпушти зашто не му се допаѓаше бојата на мојата коса. Откако го поставија него, сѐ тргна наопаку. Ќерките ги издржувам сама, зашто во Србија нема работа за луѓето без политички врски или пари да платат работно место“, ја почнува Даниела својата приказна за Дојче веле.

Одлука

Но, во приказната влетала стара познаничка, лекарка која извесно време работи во Германија, а на Даниела ѝ всадила бубачка во главата. Германија? Можеби не е лоша идеја? „Искрено, се сомневав дали ќе можам да научам странски јазик, сепак имам прилично години. Се плашев од германскиот менталитет - луѓето раскажуваат дека напорно се работи, не може да се седне, не смее да се разговара со лекарите... дека си оставен сам на себе. Луѓето сешто раскажуваат. Но, кога чув дека на мојата пријателка ѝ оди сѐ подобро... Знаете, јас ја обожувам Србија, тоа е моја земја, но финансиската и политичката ситуација е толку лоша, што бегството беше единствен излез ако сакаш да се почувствуваш како човек.“

Така, Даниела Трајковиќ решила. Го одјавила местото на престој од родната Приштина, го префрлила во Ниш, каде дошла по бомбардирањето во 1999 година, и извадила нов пасош, учела јазик, го положила тестот. Цело време ѝ помагала германска приватна агенција за посредување, која за услугата не ѝ наплатила ни динар, таквите агенции пари земаат од работодавачите, во случајов од Универзитетската клиника во Росток, која на Даниела подоцна ќе ѝ даде договор за работа. Таа агенција ги платила дури и часовите за учење јазик и некои административни трошоци. На Даниела ѝ останало само да закаже термин во германската амбасада во Белград, да се појави со договорот, работната дозвола и сертификатот за познавање јазик и да ги спакува куферите.

Тоа потрајало. „Добивањето термин беше наука. Висев на сајтот за резервирање термини дење и ноќе, но никогаш не видов слободно место.“ Даниела тогаш, на крајот на август, за Дојче веле раскажа како тремините ги разграбуваат сомнителни агенции начичкани до амбасадата, а потоа за неколку стотици евра ги продаваат на граѓаните. Тогаш зборуваше анонимно, во страв од последици. Но, по тој текст, вели таа, амбасадата им овозможи на оние кои имаат целосна документација да закажат термин по електронски пат. „Добив термин за седум дена, а за само два дена ми издадоа виза. Тоа беше на почеток на ноември, а на 16 ноември веќе бев во Германија.“

Universitätsmedizin Rostock, Pressebild
Одделението за хирургија во Универзитетската клиника во РостокФотографија: Universitätsmedizin Rostock

Персоналот од Србија е ценет

Така оваа жена заедно со уште петмина колеги од Србија станала своевидна пионерка на Универзитетската клиника во Росток, каде дотогаш немало медицински персонал од Србија. Станува збор за најголемата клиника во покраината Мекленбург-Предна Померанија. Даниела е вработена на Одделението за кардиохирургија. „Многу искусна медицинска сестра, мотивирана жена. Многу добро е прифатена, зашто се однесува љубезно кон сите“, вели за неа Анет Лабан, шефица на управата на болничкиот персонал. „Јазикот е најголема пречка, но затоа моментно се фокусираме најмногу на него“. Ако сѐ биде во ред, Даниела за шест месеци ќе совлада ниво Б2, ќе научи што треба и ќе положи испит неопходен за целосно признавање на нејзината диплома од Србија. Тогаш ќе добие постојан договор.

Од каде интерес токму за Србија во клиниката во Росток? „Она што медицинските сестри го работат во Србија е слично на она што се работи во Германија, а и културната матрица е слична. Ако ги земете на пример Шпанија и Италија, таму роднините носат храна во болница, ги капат своите болни роднини, ги хранат. Кога медицинските сестри оттаму ќе дојдат овде, шокирани се што треба да им помогнат на пациентите при капењето. Од друга страна, четиригодишното образование во Србија е многу добро, уделот на теоретска обука е голем. Има помалку пракса отколку во Германија, но работата е слична, па тоа брзо се нивелира“, вели Лабан за Дојче веле. „Тешко е со оние кои скоро завршиле со школувањето и немаат искуство. Но, ако веќе работеле две-три години, нема никакви проблеми.“  

Universitätsmedizin Rostock - Danijela Trajković, Krankenschwester aus Serbien
Фотографија: Universitätsmedizin Rostock

Сѐ на тркалца

Даниела е презадоволна со својот „нов живот“, како што го нарекува. „Нѐ прифатија феноменално. Кога дојдовме, испратија една жена од клиниката да ни го покаже градот, нѐ однесе на колачи, ни ги покажа становите, кој превоз да го користиме... Нѐ водеше како на екскурзија. Немам зборови, вистински ни помогнаа.“

Исти се и искуствата на работното место. „Во Србија работев работа која овде е поделена на четворица луѓе. Таму морав да работам сѐ, од документи, преку терапија, трансфузија, инфузија, вадење крв, преврски, асистирање на лекарот, до нега и менување постелина на креветите.“ Ја запрепастило што сега инструментите од хируршки челик по користењето треба само да ги остави настрана, наместо сама да ги мие, дезинфицира, стерилизира - овде тоа го прави посебна служба.

Во Србија гледала пациенти со опериран ‘рбет, а мораат да лежат на пропаднати постели, па им се подметнува ќебе. Овде не мора да се мисли на такви работи. „Сѐ е на копче, тркалца, вратите сами се отвораат“, се смее.

Вели, не се покајала што дошла, да зависи од неа, би останала до крајот на работниот век. „Во Србија се чувствував како потрошен материјал. Овде се чувствувам како човек. Германските колешки постојано се смешкаат, шегуваат, разговараат за други работи, а не само за тоа што ќе готват за ручек или вечера со најмалку материјал. Не разговараат за штедење, не оговараат, барем јас не сум забележала.“

Како изгледа сега билансот на Даниела? На 1700 километри северно од Ниш, платата е околу 1700 евра, околу 2000 евра буто. Наскоро, кога ќе положи испит, ќе биде уште поголема. Живее со колешки од Србија и за стан плаќа 260 евра месечно, со сите трошоци. Наскоро ќе ги врати долговите. Толку за приходната и расходната страница. „Единствена желба сега ми е да ги доведам и децата.“