1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во источна Украина „референдум за осамостoјување“

ЖА/дпа/афп/ртре11 мај 2014

Во источна Украина денеска се одржува т.н. референдум за отцепување на регионот од остатокот на земјата, инициран од проруските сепаратисти. Киев предупредува дека е ова „чекор во бездна“.

https://p.dw.com/p/1BxmP
Фотографија: Reuters

На т.н. референдум во источноукраинските региони Доњецк и Луганск утрово почна гласањето за „самоопределување“ што го организираат локалните проруски сепаратисти. Гласањето почна во осум часот по локално време (седум часот по средноевропско време) и ќе трае до вечер во 22 часот. Изјаснувањето се спроведува во 52 населени места во двата региони. Утрово пред гласачките места имаше долги редици луѓе.

Според најавите на организаторите, по завршувањето на гласањето, гласачките ливчиња ќе бидат пренесени во регионалните центри каде ќе биде извршено пребројувањето. Право на глас имаат околу седум милиони локални жители. На нелегалниот референдум во регионот на Доњецк граѓаните треба да се изјаснат дали „поддржуваат самоуправа на Доњецката Народна Република“, додека во Луганск референдумското прашање гласи: „дали го поддржувате актот за самостојност на Луганската Народна Република“.

Ost Ukraine Referendum 11.5.2014
Долги редици пред „гласачките“ местаФотографија: Reuters

Претседателот на „Централната изборна комисија“ на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, Роман Љагин вчера изјави дека изјаснувањето во Доњецк е за „самоопределување“, а не за „сувереност“.

„Можеби следен чекор би бил уште еден референдум на кој ќе прашаме дали луѓето сакаат да се присоединат кон Русија, сакаат да останат во составот на Украина или сакаат самостојна држава“, нагласи Љагин.

Непосредно пред почетокот на изјаснувањето, раководството во Киев предупреди од поделба на земјата. Гласањето со „да“ за регионот на Доњецк и Луганск ќе значи „чекор кон бездна“, изјави привремениот претседател, Олександер Турчинов. Тој истовремено укажа и на катастрофалнитепоследици за двата економски силни региони во случај на изгласување независност.

Турчинов уште еднаш на претставниците на политиката и општеството од источна Украина им понуди дијалог.

„Ние сме подготвени да седнеме на преговарачка маса. Но, нема да водиме преговори со терористите, чија задача е уништување на земјата“, изјави Турчинов, алудирајќи на вооружените борци лојални на Москва, кои запоседнаа административни згради и полициски станици. Турчинов призна дека проруските активисти имаат поддршка од голем дел од населението, за што ја обвини руската пропаганда.

Рускиот претседател Владимир Путин завчера ги повика организаторите на гласањата да се откажат од нивното одржување, додека Украина, ЕУ и САД уште претходно т.н. референдуми ги прогласија за нелегални и најавија дека нема да ги признаат нивните резултати. На гласањето не се поканети меѓународни набљудувачи. Се стравува дека целта на гласањето е втурнување на земјата во хаос и спречување на одржување на претседателските избори, закажани за 25 мај. Западот, пак, инсистира на претседателските избори, како пат за стабилизација на Украина.

Ost Ukraine Referendum Statue Lenin 11.5.2014
Барикади по улиците во повеќе градовиФотографија: Reuters

Во пресрет на денешното гласање, минатата ноќта во градот Славјанск, во регионот Доњецк, се слушале „многубројни и силни детонации“.

Според истите извори, во Славјанск, кој важи за едно од најсилните упоришта на проруските сепаратисти, се слушале детонации од тешко оружје што траеле околу еден час, како и истрели од автоматско оружје.

Локални жители изјавиле дека синоќа престрелки имало и во предградието на Славјанск, Андреевка, каде и претходно имаше судири меѓу украинските безбедносни сили и припадниците на проруските сепаратистички „сили за самоодбрана“. „Има жртви“, изјави претставник на проруските сепаратисти, без да наведува детали. Пред одржувањето на нелегалниот референдум, сепаратистите во многу места подигнаа илични барикади.