Во источна Украина се заканува „замрзнат конфликт“
10 септември 2014Што да се прави со Донбас? Иако примирјето меѓу владата во Киев и проруските бунтовници е кревко, веќе би требало да се постави прашањето за иднината на источноукраинските области Доњецк и Луганск. Договорот кој е потпишан на 5. септември во Минск не дава јасен одговор на ова прашање. Украина само се обврза дека ќе спроведе децентрализација на власта. Парламентот во Киев би требало да донесе закон за посебен статус на овие области. За детали се’ уште не се зборувало.
Киев би требало да го задржи Донбас
Бунтовниците под тоа де факто подразбираат независност. А, тоа јасно го кажа „заменикот на претседателот на владата“ на „Народна Република Доњецк“ Андреј Пургин во понеделникот во интервју за руската информативна агенција „Интерфакс“. „Во моментов не станува збор за враќање како составен дел на Украина.“ Украинската влада на тоа гледа поинаку. Ставот на Киев би можел да се опише на овој начин: повеќе автономија - да, независност - не. Причините се очигледни. По руската анексија на полуостровот Крим, Днмбас би претставувал нова загуба на територии, со над 300 мртви, според податоците на ОН. За да го задржи Донбас, Украина плати висока цена.
Отстапувањето на овие провинции би изгледало дека луѓето залудно загинаа. На крајот на краиштата Донбас со своите богатства на јаглен и на плин е важен регион за обезбедување на Украина со енергија. Земјата е зависна и од доњецката тешка индустрија.
Сеништата на Транснистрија
Но, факт е дека Украина бунтовничките региони не може да ги врати по воен пат - барем не додека бунтовниците имаат поддршка од Русија во тешко оружје и во луѓе.
Во заднината на оваа пат позиција договорот од Минск би водел кон замрзнување на конфликтот, сметаат многу набљудувачи. А, со тоа Украина би ја делела судбината на некои некогашни членки на Советскиот сојуз. Многу често се споменува Транснистрија, регион кој во почетокот на 1990. година со војна се ослободи од Молдавија. Транснистрија не е меѓународно призната. Но, постои повеќе од 20 години првенствено благодарејќи на економската помош од Русија. Опасноста за замрзнување на конфликтот е голема, бидејќи за тоа е заинтересиран рускиот претседател Путин, појаснува киевскиот политички експерт Володимир Фесенко во разговорот за ДВ.
Фјодор Лукјанов ситуацијата ја гледа поинаку. „Положба како онаа во Транснистрија има многу недостатоци за Москва“, вели за ДВ претседателот на Советот за надворешна и безбедносна политика во Москва. Од една страна Русија би морала финансиски да ги поддржи бинтовничките украински провинции, а тоа од друга страна би ја довело до постојани тензии со Запад, смета Лукјанов. Тој верува дека Русија сака да ги задржи Доњецк и Луганск како автономни покраини во Украина.
Одрекување од Донбас поради Европа?
Украинците сега се наоѓаат пред болна расправа за иднината на Донбас. А, таа расправа не започна неодамна. Уште во јули 2010. година украинскиот писател Јури Андрухович се погрижи за големо внимание. Кога западните сили повторно би дошле во Киев на власт, тогаш на Крим и на Донбас би можела повторно да им се даде можност за отцепување“, вели во едно интервју Андрухович. Тогаш прорускиот претседател Виктор Јанукович, кој потекнува од Донбас беше само неколку месеци на должност. Луѓето на Крим и во Донбас „се дел од руската политичка нација“, Украина им е „непозната и неинтересна“, критикуваше Андрухович. Тој поради ваквите изјави е остро критикуван, па подоцна ги релативизираше изјавите.
Но, неколку години подоцна, кога Крим е анектиран од страна на Русија, а војната во Донбас е во полн ек, Андрухович повторно се изјасни за отфрлање на источноукраинските региони. „Донбас може да се задржи како дел од Украина само на сметка на фатална отстапка за нашата европска иднина“, изјави писателот за украинскиот неделник „Зеркало Тишња“. Со други зборови: регионот со своето мнозинско проруско население е кочница за Украина, која тежи кон Европа. Тој се залага за референдум. Ако би дошло до одделување, на тоа не би требало да се гледа како на капитулација, туку како на едно одбивање, предлага писателот.
Но, се' уште не се направени анкети за тоа какво решение би поддржало мнозинството Украинци. Во медиумите има сѐ повеќе гласови кои покажуваат разбирање за замрзнувањето на судирите, како на пример познатиот блогер и новинар Серхиј Лестјенко од интернет портаолот „Украинска правда“. Тој претпазливо се зазема за замрзнување на судирите. „Во спротивно, остатокот од Украина би бил запрен на својот пат кон Европската унија“, пишува Лестјенко.