Во светот не се откриени ни 10 отсто од случаите на Ковид-19
13 април 2020Вкупниот број на инфекции со коронавирусот веројатно е драстично повисока одошто тоа го откриваат официјалните податоци на здравствените власти ширум светот, се наведува во нова студија (целата студија на англиски јазик).
Кристијан Бомер и Себастијан Фолмер од Универзитетот во Гетинген ги анализирале податоци објавени неодамна од Лансет журналот за инфективни болести. Истражувачите ги анализирале проценките за смртноста од коронавирусот и периодот од инфекцијата до смртта за да го проценат квалитетот на официјалните податоци.
- повеќе: Што се крие зад метежот од бројки на инфицирани и како да се толкуваат?
Според нив, податоците покажале дека државите откриле, во просек, само околу 6% од сите инфекции со коронавирус. Тие тврдат дека вистинскиот вкупен број на заразени луѓе веројатно веќе достигнал десетици милиони луѓе во светот.
„Овие резултати значат дека владите и носителите на политички одлуки треба многу да внимаваат кога ги интерпретираат бројките заради правење планови“, вели Фолмер, професор за развојна економија на Универзитетот.
„Таквите екстремни разлики во бројот и квалитетот на тестовите спроведени во различни земји значат дека официјалните податоци се во најголем дел неинформативни и не обезбедуваат корисни информации“.
Малку откриени- висока стапка на смртност
Бомер и Фолмер проценуваат дека на 31 март 2020 година, Германија веројатно веќе имала над 460 илјади заразени. Врз основа на истиот метод, тие пресметуваат дека во САД имало повеќе од 10 милиони, во Шпанија над 5 милиони, во Италија околу 3 милиони и во Велика Британија околу 2 милиони заразени со коронавирус. На тој ден, Џонс Хопкинс универзитетот пресмета дека во светот имало 900 илјади луѓе позитивни на вирусот.
„Иако според податоците на Џонс Хопкинс во светот на овој датум има помалку од еден милиони заразени, ние проценуваме дека бројката е неколку десетици милиони“, се наведува во студијата.
- актуелни податоци на Џонс Хопкинс Универзитетот
Според авторите, неадекватното и одложено тестирање може да е причината што некои европски земји, како Италија и Шпанија, пријавуваат далеку повисока стапка на смртност одошто Германија.
Нивната проценка вели дека во Германија досега се идентификувани околу 15,5% од заразените, наспроти 3,5% во Италија и 1,7% во Шпанија. Процентот на откриени случаи е најнизок во САД (1,6%) и во Велика Британија (1,2%), велат германските истражувачи. Наспроти овие земји, се проценува дека Јужна Кореја открила повеќе од половината случаи на заразени со Ковид-19.
- повеќе: Италија: Никој всушност не знае колку се заболени од коронавирус
Двајцата автори сметаат дека се потребни големи подобрувања во способноста на земјите да откриваат нови инфекции и потоа да усвојат мерки за изолација на заразените и откривање на нивните контакти.
Доколку не успеат во тоа, „вирусот може повторно да остане неоткриен на подолг временски период и прашање на време е кога ќе се случи нова епидемија“, предупредуваат двајцата професори.