1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е Абделхамид Абауд?

Б. Георгиевски/афп/ртр18 ноември 2015

Главниот организатор на нападите во Париз, Абделхамид Абауд е 28-годишен Белгиец од мароканско потекло, чие име во последните две години се поврзува со серија исламистички заговори и обиди за регрутирање на борци

https://p.dw.com/p/1H7eg
Фотографија: Reuters/C. Hartmann

Акцијата на француската полиција во париското предградие Сен Дени беше насочено кон пронаоѓање на белгискиот џихадист Абделхамид Абауд, кој се смета за организатор на терористичките напади.

Абауд е 28-годишен Белгиец од мароканско потекло, чие име во последните две години се поврзува со серија исламистички заговори и обиди за регрутирање на борци за „Исламската држава“. Сепак, тој постојано успева да избегне апсење, а притоа и се фали со своите „подвизи“.

Абауд во минатото се фалеше дека успеал да мине низ контролен пункт во Европа иако полицајците во рацете имале фотографија од него.
„Куфар (неверниците) беа заслепени од Алах. Дури бев и сопрен од полицаец кој ме споредуваше со фотографија, но на крајот ме пушти“, изјави Абауд за магазинот на „Исламската држава“ Дабик. „Тоа беше подарок од Алах“, вели забрадениот Абауд, кој на фотографијата во рацете држи Коран во едната и знамето на Исламската држава во другата рака, а зад него е американско возило „Хамви“.

Абауд избегна апсење и на почетокот на годинава кога белгиската полиција застрела двајца негови милитантни соработници.

Келијата во Вервиер

Абделхадим Абауд им е познат на разузнавачките служби уште од минатата година кога се појави во видео на „Исламската држава“ возејќи автомобил, на кој беа врзани тела на обезглавени луѓе. Но, неговото име и‘ стана познато на јавноста откако во јануари годинава белгиската полиција разби терористичка ќелија во градот Вервиер. Во февруари Абауд, кој извесно време минал и во Грција, презема одговорност за заговорот против белгиската полиција и соопшти дека и‘ се придружил на „Исламската држава“ во Сирија.
Во меѓувреме, во отсуство беше осуден на 20 години затвори поради регрутирање џихадисти за војната во Сирија. Тој одговори со видео порака во која најави напади во Европа. Во Сирија војува под името Абу Омар Суси - според името на регионот од каде што потекнува неговото семејство во Мароко, и Абу Омар ал Баљики, што во превод значи Абу Омар Белгиецот.

Abdelhamid Abaaoud IS Islamischer Staat Flagge Koran
Абделхамид Абауд во видео на „Исламската држава“Фотографија: picture-alliance/dpa/Dabiq

Абауд се познавал со Салах Абдеслам, (двајцата потекнуваат од населбата Моленбек во Брисел), кој учествувал во нападите во Париз, како и со неговиот брат Брахим, кој се разнесол со експлозив пред еден бар во Париз.

Откако беше уништена ќелијата во Вервиер, таткото на Абделхамид Абауд изјави дека неговиот син им го уништил животот. Во 2014 година, Абделхамид го убедил својот помлад брат Јунес, тогаш 13-годишен, да му се придружи во Сирија, а детето подоцна беше нарекувано „најмладиот џихадист во светот“ од некои весници.

„Зошто побогу сака да убива невини Белгијци? Нашето семејство и‘ должи сѐ на оваа земја“, изјави во јануари, по откривањето на заговорот во Вервиер, Омар Абауд, чие семејство се доселило во Белгија од Мароко пред 40 години.

„Абделхамид му донесе срам на ова семејство. Нашите животи се уништени... не сакам веќе да го видам“, рече тогаш Омар Абауд, татко на шест деца.

„Имавме прекрасен живот тука. Абделхамид не беше лошо дете и стана добар бизнисмен. Но одеднаш замина за Сирија. Секој ден се чудев како стана толку радикален. Никогаш не добив одговор“.