Во Украина беснее војна во полн замав
2 јуни 2014Слики на забарикадирани улици, хеликоптери кои кружат околу, вести за жртви и повредени, киднапирани набљудувачи на ОБСЕ: надежта дека состојбата во Украина ќе се смири по претседателските избори полека исчезнува.
Конфликтот и натаму е концентриран околу упориштето на проруските сепаратисти во Славјанск. Таму, антитерористичката кампања на украинската влада е во полн ек, а судирите меѓу полицијата и армијата од една и проруските бунтовници од друга страна, се секојдневни. Сѐ повеќе луѓе го напуштаат градот. Фоторепортерот Петр Шеломовски, кој се наоѓа во близина на Словјанск, лично можеше да се увери во тоа. „Цели семејства секојдневно го напуштаат Славјанск за да избегаат од војната“. Тој тврди дека од градот не бегаат само антисепаратистите, туку и проруските симпатизери чии домови се уништени. Прашањето дали се работи за антитерористичка операција или граѓанска војна, за Шеломовски е нерелевантно. Жителите, вели тој, се вознемирени поради насилството кое „им ги уништува куќите, животите... Некои од нив кои ја поддржуваа борбата против Киев, сега и не се толку сигурни“.
Волонтери „антитерористи“?!
Лидија Хужва, новинарка која известува за фронтот во Доњецк во рамките на една единица со доброволци, вели дека тие своите акции ги планираат надвор од градот, а потоа влегуваат на територијата на сепаратистите и ги спроведуваат. „Честопати киднапираат борци од другата страна, а потоа и ги напаѓаат сепаратистите“, тврди Хужва. Новинарката, која учествувала на протестите на плоштадот Мајдан и која себеси се смета за активист, тврди дека се‘ повеќе жители сфаќаат дека сепаратистите нема да им донесат подобар живот.
„Досега веруваа дека состојбата не може да стане полоша, но сега сфаќаат дека во самопрогласената Доњецка Република, криминалците владеат на улиците“, вели Хужва. Состојбата во Доњецк во меѓувреме ескалира, а нови борци секојдневно пристигнуваат на двете страни. Цивили речиси и да нема на улиците, а се‘ поголем број луѓе се обидуваат да го напуштат градот. „Сите кои имаа можност веќе избегаа. Оние луѓе кои останаа во Доњецк се оние кои не знаат каде да одат“, објаснува новинарката.
Шеломовски се согласува со ваквите проценки и вели дека може да се очекува натамошна ескалација: Доњецк станува новиот Славјанск. Меѓународните хуманитарни организации стравуваат дека во следните недели може да се очекува наплив на бегалци од источна Украина. Состојбата може да биде слична на онаа во Крим, од каде побегнаа повеќе од 10 илјади кримски Татари.