Во Чешка не се во прашање тапоглави десничари
23 октомври 2017„Земјотрес“, „ураган“, „цунами“, по парламентраните избори во Чешка, медиумите не штедеа во споредбите со природни катастрофи. Зашто, во една од, историски гледано, најдобрите демократии во централна и југоисточна Европа, околу 60 проценти од избирачите се изјаснија против постојните системи и етаблираните партии, и тоа во услови на постоење исклучително добра макроекономска ситуација. Повеќе од загрижувачко за членка на ЕУ.
Во другите земји од Европа се зборува за натамошен исчекор в десно во Источна Европа и за уште една источноевропска земја која тргнува по сличен пат како Унгарија и Полска. Но, настрана од целата загриженост поради чешкиот изборен резултат, потребно е диференцирање. Поимите како „свртување в десно и евроскептицизам во Источна Европа“ паушално го етикетираат регионот и малку објаснуваат.
Затруена клима во Чешка
Чесите кои гласаа против постојниот систем во голем дел не се тапоглави екстремни десничари. Ним им е преку глава од надуеноста на политичката елита. Веќе со години се стагнира со важните реформи во социјалната заштита, здравството и образованието. На регионално и на локално ниво е преполно од „мали услуги“ кон овие или оние и непотизам. А во еден дел од чешкото општество секако владее и страв дека ќе станат губитници во процесот на модернизација.
Истовремено, политичарите како чешкиот претседател Милош Земан во минатите години трајно ја затруја климата во јавноста, на пример со омаловажувачки изјави за ЕУ, за бегалците, но и за општите хуманистички вредности и за либералната демократија. За волја на вистината, и од милијардерот и основач на партијата-движење АНО, Андреј Бабиш понекогаш можеа да се чујат такви изјави.
Но, најголем дел од гласовите тој ги доби поради ветувањето дека „ќе ја исчисти“ Чешка и ќе го оконча самопослужувањето кое владее меѓу елитите. Тоа не е без иронија, зашто Бабиш и самиот отсекогаш припаѓаше на елитата, а неговото име се влече низ медиумските обвинувања за затајување данок и проневера на субвенции.
За ралика од политичарите како што се Виктор Орбан или Јарослав Качински, тој не е националист, не е шовинист и нема некоја темелна антидемократска визија за Чешка. Тој првенствено е тип на амбициозен, самољубив олигарх, кој мисли дека неговиот авторитарен стил на водење на фирмата ќе ѝ помогне и на неговата држава. Опасноста од Бабиш лежи во таа авторитарност.
Кај политичката елита треба да ѕвони за аларм
Уште не е јасно во колкава мерка Бабиш ќе влијае на чешката иднина. Проблем не е само да се собере владејачка коалиција, зашто моментно ретко некој сака да соработува со партијата АНО. Проблем е и што Бабиш во последните години од својата партија избрка и многу мудри глави, кои всушност му требаат за спроведување на сите тие убави работи кои ги вети во поглед на подобреното стопанство и ефикасноста.
Како премиер, тој веќе нема да може да игра улога на опозиционер во владата, како што правеше кога беше министер за финансии од почетокот на 2014. година до мај оваа година. Значи, можна е ерозија на довербата во него. Не на крајот, Бабиш нема некој проект во ракавот насочен против темелите на идејата за обединета Европа. Единствено што му е заедничко со другите земји од Вишеградската група е неговото одбивање на европската политика кон бегалците. Затоа победата на АНО во никој случај не значи и јакнење на и онака сѐ похетерогената Вишеградска група.
Без оглед на сѐ, кај елитата, толку напаѓана во и надвор од Чешка, сепак би требало да заѕвони алармот. Ако традиционалните политички сили не сакаат еден ден да бидат целосно отфрлени од опскурните антисистемски сили кои се бунтуваат против етаблираните партии, мора да се присилат на транспарентен, одговорен, одржлив и автентично демократски начин на владеење. Само на таков начин ќе успеат да ги уверат луѓето.