„Возот“ кон Бугарија конечно на вистински колосек
20 ноември 2013Добрите намери, со кои пред дваесет години беше поплочена желбата за изградба на железничка линија кон Бугарија, наскоро ќе бидат заменети со вистински железнички прагови. Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, најави дека во февруари ќе започне изградбата на железничката линија до Бугарија, која заедно со изградбата на автопатот Скопје-Штип е најзначајниот проект за ревитализација на економијата и на стопанскиот живот во источниот дел на Република Македонија. Неговата изјава предизвика огромен интерес во бугарските медиуми. Од македонското Министерство за финансии потенцираат дека придобивките од изградба на пругата кон Бугарија се повеќедимензионални.
„Тие ќе придонесат да се подобри конкурентноста на Македонија, да се обезбеди транспорт на стоки и луѓе со пониски трошоци и ќе креираат уште една алтернативна транспортна рута за македонските производители и компании. Пругата има и регионално значење, што овозможува проектот да може да ползува од ИПА - средствата. Вицепремиерот Ставрески веќе имаше средби со претставници на Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на изградбата на пругата, на кои наиде на позитивен став од двете меѓународни финансиски институции. И од бугарска страна има интерес за реализација на проектот“, велат од Министерството за финансии.
Изградбата ќе се одвива во три фази. За првата делница од 30 километри од Куманово до Бељаковце, која е планирана да заврши до 2017 година, обезбедени се 46,4 милиони евра од ЕБОР. Потоа, во наредните две години ќе се проектира делницата од 36 километри од Бељаковце до Крива Паланка. За неа главниот проект го изработува консултантска компанија Обермајер од Минхен. Проектот чини 2,4 милиони евра обезбедени со грант од ЕБОР, а за изградба на таа делница од истата институција е обезбеден и кредит од 145 милиони евра. Со изградба на последната делницата Крива Паланка - Деве Баир, пругата до Бугарија, која е дел од Коридорот 8, треба да биде завршена до 2022 година.
Ќе тргне ли возот од Македонија?
Се чини дека и кај источниот сосед има голем интерес овој проект конечно да се реализира. Бугарскиот весник „24 часа“ во редакцискиот коментар пишува дека веќе 20 години властите во Бугарија и Македонија преговараат железничка линија да ги поврзе двете земји.
„Имаше и два-три посочени датуми, според кои лентата одамна требаше да биде пресечена, но пруга уште нема. Бугарија и Македонија се единствените две балкански земји, кои немаат железничка врска. Во времето на бивша Југославија тоа не го сакаа властите кои спроведуваа антибугарска политика. Но, сега Скопје на хартија е во добри односи со Софија, а во практика не е така. Слушнавме нови ветувања - дека овојпат Македонија била готова со проектите и ќе ги почне градежните работи. Добро е тоа да се покаже како вистински, а не како ќор - фишек. Единствено одобрениот кредит од 46,6 милиони евра од ЕБРД за пругата кон Бугарија дава надеж дека соседите нема како да го избегнат тоа - нели кредитот веќе го земале. А кога ќе се изгради пругата, луѓето ќе разберат дека дека економијата и директните транспортни врски се поважни од политичките пречки“, пишува „24 часа“.
Единствени кои засега се вознемирени од изградбата, се жители од кумановско Режановце, кои се пожалија дека за експропријација на делови од земјоделски парцели од висока класа, државата им понудила само 90 денари за метар квадратен.
„Само од една реколта, тројно поголеми се приходите добиени од метар квадратен земја, а нам ни ја земаат земјата за навек“, велат земјоделци, чии лозови и овошни насади, но и дворни места, се опфатени со проектот. Дел од земјиштето кај Режановце се одзема за изградба на надвозник што ќе обезбеди приод до селото, бидејќи ќе бидат затворени премините преку пругата. Жителите уште пред еден месец најавија дека бараат средба со претставници на Министерството за финансии, за да се договорат за цената и да не влезат во судски процеси.
„Што се однесува до прашањето за експропријација, до Министерството за финансии се немаат обратено со таков проблем, но се разбира, легитимно право на граѓаните е доколку не се задоволни со определената сума да ја обжалат по судски пат“, велат од Министерството за финасии.
Стопанствениците преферираат патишта
Пругата кон Бугарија почна да се гради во 1994 година, а веќе во наредната изграденото беше оставено на забот на времето. Тогашната влада ветуваше изградба на пруга во должина од 55 километри за 120 милиони долари - 80 милиони од буџетот и 40 милиони од донации и меѓународни институции, како и ангажирање на 6.000 работници од поголемите домашни градежни фирми. Работите почнаа, но многу брзо запреа, бидејќи парите беа потрошени. За тој проект денес сведочат руинираните столбови за железничките мостови, а најголем дел од постојната инфраструктура е веќе украден или уништен. Сега Македонија по вторпат ќе плаќа за изградба на истата траса.
Зоре Темелковски, претседател на македонско-бугарската стопанска комора, вели дека Комората поддржува концепт на модерно, брзо и економично инфраструктурно поврзување меѓу двете држави, а железницата не ја гледа како таков проект.
„По речиси две децении стагнација и залудно потрошените средства за железничката пруга, денес таа идеја е веројатно депласирана. Ние како стопанственици ја пoмниме таа претходна инвестиција, за која вие како новинари имате сознание за залудно потрошени 120 милиони долари, а ние стопанствениците мислиме дека се потрошени повеќе од 150 милиони евра.
Во раните деведесети години размената со Бугарија, во двата правци, достигна до една милијарда евра, но и тоа не беше доволно за тогашните влади од двете држави да пристапат кон модернизација на патиштата или кон изградба на целосно нов пат Скопје-Софија. Денес ќе градиме шини за возови со брзина од 100 км/час, во време кога современиот железнички превоз во европските коридори веќе достигнува двојно, па и тројно поголеми брзини. Така повторно би биле слеп колосек, слично како и со сегашната балканска калдрма, што никако да ја замениме со современ автопат. Стопанствениците се за проширување на постојната патна мрежа, за модернизација на регионални правци во граничниот појас со Бугарија и за повеќе гранични премини“, дециден е Темелковски.
Ваквиот став тој го презентирал на неодамнешната средба со вицепремиерката на Бугарија, Даниела Бобева. Од неа добил целосна подршка и најава дека таа ќе се заложи за отварање на повеќе гранични премини, а ќе ја поддржи и идејата за реализација на заеднички регионален бренд во двете држави за настап на трети пазари. Додека да се изгради пругата, според Темелковски, најважно е побрзо да се изгради стопанска соработка.
Освен со Бугарија, Република Македонија не е поврзана со железничка линија ни со Албанија. Македонските компании засега се целосно зависни од пругата на Коридорот 10 кој поминува низ Грција.