Од комичар до кризен менаџер – Володимир Зеленски
28 февруари 2022Глумец, политички кловн, потценет дури и од своите поддржувачи, посегнува по највисоката функција во државата? Всушност незамисливо, но овој човек има нешто што им недостасува на многу политичари и што му овозможува да се надмине себе си и да постигне врвна форма, особено во време на криза – тој е извонреден комуникатор и знае како да ги пренесе клучните пораки. Многу негови реченици се памтат долго и на крајот ќе најдат пат и до учебниците.
Роналд Реган кој во 1980. беше избран за 40. претседател на САД, на 12 јуни 1987 година кај Бранденбуршката капија во Берлин ја изговори најчесто цитираната реченица од периодот на Студената војна: „Господине Горбачов, отворете ја оваа порта. Урнете го овој ѕид.“
45 години подоцна човекот со слична биографија ги поздравува сонародниците во видео пораки со „Слободни луѓе! Слободна земја!“. Володимир Зеленски изговара и реченици како „Ние Украинците сме мирољубива нација. Но ако молчиме денес, утре ќе нѐ нема!“. Гласно го критикува недостаток на поддршка од странство: „Ни треба антивоена коалиција. Сами си ја браниме државата. Најмоќните светски сили само гледаат од страна.“
Од „слуга на народот“ до претседател на Украина
Роналд Реган, кој почина пред 18 години, многумина во САД се уште го почитуваат како светец. Зеленски во моментов работи напорно за да достигне таков статус во Украина. Но, нејасно е што ќе биде со него во наредните денови и недели – циркулираат извештаи дека Русија сака да го убие. Тој самиот смета дека Русија сака да го урне од власт. Непријателот го прогласи за нивна цел број еден.
Од комичар кој пред неколку години сатирично се потсмеваше со корупцијата и лошото управување на Украина во популарната серија „Слуга на народот“, Зеленски се разви во сериозен државник кој во криза навидум без напор знае да го погоди вистинскиот тон. Можеби токму поради тоа што како водител на забавна програма, комичар и исклучителен реторичар, пред да стане претседател научи со кои зборови може да постигне и најголемо влијание во јавноста.
Зеленски е исклучителен комуникатор
Додека ситуацијата во Украина изгледаше сѐ полоша во светло на извесниот руски напад, апелите на Зеленски стануваа сѐ посилни и попатетични. Набљудувачите сметаат дека неговиот говор кусо по руската инвазија е неговиот најдобар до сега. Емотивен, бестрашен и истовремено решителен, тој на руските трупи им порача: „Ако нападнете, ќе ни ги видите лицата, а не грбот!“.
Украинскиот претседател одлично ја совлада и уметноста на комуникација на Твитер. Секој час испраќа прецизни пораки во светот. На пример, во петокот попладне на украински и англиски јазик ѝ се заблагодари на Шведска за воената, техничката и хуманитарната поддршка. Секогаш завршува со концизниот апел: „Ајде заедно да формираме коалиција против Путин!
Медиумски дуел со Владимир Путин
Дел од парадоксалната историја на оваа војна е дека Украина е воено инфериорна во однос на руските напаѓачи, но Зеленски очигледно јасно го доби Путин во реторичкиот дуел. По збунувачкиот едночасовен говор на рускиот претседател за признавање на источните украински сепаратистички области, Зеленски на своите сонародници им порача: „Не паничете! Ние сме силни и подготвени на сè. Ќе победиме бидејќи ние сме Украина!“ – и со тоа спречи масовна паника.
Кога рускиот претседател говори за „геноцид“ во источна Украина и за „денацификација“ како причина за војна, тоа особено на Зеленски сигурно му звучи „смешно“. Шефот на украинската држава израсна во семејство кое говори руски и има еврејско потекло. Дедо му бил војник на Црвената армија, а братот на дедо му настрадал во холокаустот.
Популарноста на Зеленски долго време беше во опаѓање
Зеленски веројатно никогаш не бил толку популарен во Украина како сега. Многу сонародници пред војната со Русија не беа среќни дека тој им е шеф на државата. Кога пред три години ја презеде должноста не можеше до крај да го оствари ветувањето дека ќе му стави крај на конфликтот во источна Украина. Немаше напредок ниту во однос на спогодбата од Минск – напротив сè се распаѓаше полека.
Тука е и скандалот со Пандора документите во кои е вмешан и Зеленски – наводно беспрекорен човек и борец против олигарсите. Истражувањето на меѓународната мрежа на новинари откри дека Зеленски поседува офшор компании кои индиректно биле платени од олигарх. Украинскиот претседател дел од приходите ги вложил во недвижен имот во Лондон, а се вели дека неговата сопруга Елене сѐ уште остварува профит од офшор имотот.
По нападот на Русија, повторно се заканува Студена војна
На крајот на седумдесеттите, Роналд Реган важеше за аутсајдер – на интерните републикански претседателски избори за претседателската кандидатура во 1968 загуби од Ричард Никсон, а во 1976 од Џералд Форд.
Но потоа во 1979 година, Советскиот сојуз го нападна Авганистан и Студената војна повторно „се разгоре“. Година дена подоцна Реган победи на изборите против Џими Картер.
Повеќе од четири децении подоцна и по рускиот напад на Украина, светот се соочува со нова верзија на Студената војна. Улогата на Володимир Зеленски во сето ова сè уште не е утврдена.