1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Канцеларот нема веќе да се воздржува

Сабине Кинкарц
9 мај 2022

Германија ја поддржува Украина без задршки. А, сега и со уште поголеми количества тешка воена опрема. Олаф Шолц во обраќањето до нацијата зазема јасен став и тоа е исправно, смета Сабине Кинкарц.

https://p.dw.com/p/4B0ub
Bundeskanzler Scholz TV-Ansprache
Фотографија: Britta Pedersen/AFP

Пред 77 години, 8 мај беше денот кога Германија капитулираше и со тоа заврши Втората светска војна, барем во Европа. Како што е познато, во азиско-пацифичкиот регион таа траеше подолго. Сега повторно има војна во Европа. Агресорот е Русија, а на 8 мај 2022 година рускиот претседател Владимир Путин е далеку од капитулација. Мирот не е на повидок. Таков е и ставот на канцеларот. Како што рече самиот во вечерниот говор пренесуван на телевизија, тој „од денешна перспектива сѐ уште не може да каже кога и како ќе заврши суровата војна на Русија против Украина“.

По неколку недели колебање и тактизирање - кои самиот секако не сака да ги перцепира како такви - Олаф Шолц сега се соочи со  реалноста. Тој нема избор. Германија мора да направи сè што е во нејзина моќ за да ја поддржи Украина. Ова подразбира и  испорака на тешко оружје. „Ќе продолжиме со поддршката“, вели Шолц. Па така на сите веројатно им е јасно дека „гепардот“ нема да биде последниот тенк што ќе се испорача во Украина.

Од 8 мај произлегува обврска

„Никогаш повеќе“ гласи лекцијата научена од Втората светска војна. Војна во која Германија му донесе бескрајно страдање и на народот на Украина. Со оглед на руската воена агресија ова „никогаш повеќе“ за Шолц значи одговорност и обврска кон Украина. Конечно мора да се каже! Одбрана на правата и слободата на нападнатите е “аманет” од 8 мај, рече Шолц.

Да не се разбереме погрешно: Сојузниот канцелар од самиот почеток беше на страната на Украина. Само три дена по рускиот напад на земјата, Шолц прогласи „пресвртница“ и на нацијата јасно и стави до знаење дека од сега па натаму многу работи ќе бидат поинакви. Но, како што знаеме, големите зборови не беа нужно проследени со подеднакво големи дела. На Германија и паѓаше многу тешко да обезбеди соодветна воена поддршка за Украина.

Сабине Кинкарц, авторка на коментарот
Сабине Кинкарц, авторка на коментаротФотографија: DW/S. Eichberg

Сетете се само како германската министерка за одбрана на почетокот се обиде да „ја продаде" испораката од 5.000 челични шлемови во Украина како големо достигнување. Тоа беше срамно.

„До мир без оружје"

Но, не е сосем исправно паушално да се обвини Шолц за овие нешта. Канцеларот не дејствува самостојно, туку со согласност од коалицијата и поддршка од сопствената партија која ја немаше во доволна мера. Кај Социјалдемократите има длабоко вкоренет пацифизам. “Да се дојде до мир без употреба на оружје” за многу сопартијци не е само нафрлена флоскула, туку сериозно барање.

Повеќе: Крај на срамните дипломатски препукувања на Берлин и Киев

Па така најпрво имаше голем отпор против испораката на оружје во воен регион, а таквиот отпор е распространет и во германското општество. Не нислат сите граѓани дека е добро тоа што Германија сака да испорачува тенкови. Но, колку подолго трае војната, толку појасно станува со каква бруталност руската армија беснее, убива, силува и малтретира и дека војната не може да заврши со дијалог. Тоа никој не може да го игнорира.

Неуспех на политиката за релаксирање на односите

На СПД не и го попречи патот само пацифизмот, туку и тоа дека со децении инсистираше на дијалог со Советскиот сојуз и подоцна и Русија. Таа ја измисли политиката на релаксирање на односите со „промена преку зближување” која потоа премина во „промена преку дејствување”. Русија требало економски да се интегрира за да се сочува мирот, беше максимата по која предолго се водеше партијата. Тоа што премногу беа фиксирани на Русија и не ги слушнаа предупредувањата на другите источноевропски држави, сега на СПД “”им се тресна од глава”.

Да се препознае неуспехот и да се извлечат поуки е процес кој траеше подолго време и во кој и Олаф Шолц повеќе или помалку учествуваше. Канцеларот ја донесе својата одлука, што се слуша во говорот. Тој појаснува, зазема став и точно го погоди нервот на времето што е добро. Предолго и на меѓународна сцена позиционирањето го перцепираатоа и наштети на Германија.  како нерешителност и „натегање”. Тоа и наштети на Германија.

Иднината е неизвесна

По говорот веќе не би смеело да има нејаснотии бидејќи канцеларот веќе не може да се крие зад сопствените зборови. Сето тоа се одлични предуслови за да се отпатува во Киев. И граѓаните на Германија сега знаат на што се. Војната веројатно ќе трае уште долго време и ќе има последици - и за Германија. Олаф Шолц ветува дека ќе искористи сѐ што му стои на располагање за да спречи штети за сопствената земја, вклучително и тоа да не презема никакви чекори кои би можеле да бидат толкувани како воени дејствија. Тој и натаму ќе делува само во заедница со сојузниците. Дали ова ќе биде доволно, никој не може да гарантира.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ