Војна на пазарот на смартфони и таблет-компјутери
29 октомври 2012Бумот на смартфони му донесе уште еден рекорд на електронскиот гигант Самсунг - Јужнокорејците во третиот квартал од 2012 година заработија околу 4,7 милијарди евра. Со тоа речиси двојно ја зголемија добивката во споредба со истиот период претходната година.
Истражувачите на пазарот проценуваат дека Самсунг во овој период продал речиси 57 милиони смартфони. Концернот е најголем производител на мобилни телефони во светот и контролира речиси една третина од бизнисот. Најголемиот дел од смартфоните на Самсунг го имаат оперативниот систем на Гугл - Андроид.
Непресушен извор на пари - Ајфон
И најважниот ривал на Самсунг - Епл, значително ја зголеми добивката. Тој во изминатиот квартал забележа пораст од 24%, односно има обрт од 6,3 милијарди евра. Концернот продал речиси 277 милиони ајфони.
За да има и натаму добивки, Епл и Самсунг со месеци водат спор околу патенти на одредени производи. Судиите досега повеќепати му забранија на Самсунг да продава определени производи, затоа што се слични со апаратите на Епл.
„Пазарот на смартфони е еден од најголемите во ИТ-браншата“, објаснува Ахим Барчок, експерт за мобилни меидуми во компјутерското списание c't. „Тука е можен многу поголем пораст. Затоа на овој пазар се води огорчена борба.“
Смартфоните, додава Тобијас Арнс од здружението на ИТ-браншата, Битком, „се апсолутно профитабилни“. Тука се можни многу повисоки маржи на добивки отколку, на пример, кај компјутерите.
Борба за корисници
Интернетот на иднината, како што веруваат голем број експерти, ќе се одвива преку мобилни апарати, како самртфони и таблет-компјутери. Затоа претпријатијата, како што е Гугл, се обидуваат да си обезбедат што поголем дел од колачот.
Гугл го освои пазарот на смартфони со оперативниот систем Андроид. Во моментов, според податоци на Битком, околу 40 проценти од смартфоните во Германија функционираат со Андроид. „Гугл профитира од тоа што секој што сака целосно да го користи Андроид-мобилниот телефон мора да отвори Гугл-акаунт “, вели Тобијас Арнс.
На тој начин Гугл ги врзува муштериите за себе и за своите производи. „Гугл се обидува да стане општ понудувач на интернет услуги, да изгради еден вид Гугл-универзум.“ Дел од тој универзум се, на пример, видео-платформата Јутјуб, Г-мејл или платформите за хотелски резервации или резервации на летови. Со оглед на тоа што Гугл живее пред се‘ од реклами, секој нов корисник ги зголемува приходите.
Во меѓувреме, Гугл изработува и сопствени апарати. За таа цел концернот во 2011 година го купи производителот на мобилни телефони кој беше во криза - Моторола.
Микрософт мора да фаќа чекор
Софтверскиот џин Мајкрософт главно го преспа трендот кон смартфони и таблет-компјутери. Во моментов, само околу 7 проценти од смартфоните функционираат со оперативен систем на Мајкрософт. Новиот оперативен систем Виндоус 8 тоа треба да го промени.
Шефот на Мајкрософт, Стив Балмер, вели дека Виндоус 8 е најважниот продукт во последните 17 години. Тогаш Мајкрософт на пазарот го извади Виндоус 95 и со тоа почна неговата доминација во делот на оперативните системи на компјутерите. Виндоус 8 треба да функционира како на класичните компјутери, така и на таблет-компјутерите и смартфоните. Експертот Ахим Барчок вели дека новиот систем има потенцијал.
Смартфоните се насекаде
Смартфоните се се‘ поважни и во многу земји во развој и земји во забрзан подем. „Особено голем пораст има во азиските земји“, вели Барчок. За многу луѓе смартфоните се релативно поволна алтернатива на компјутерите. Во земјите во развој особено добро се продаваат „посни“ верзии на смартфони. Тие работат со помали процесори и со поедноставни дисплеи, но имаат исти оперативни системи како и скапите смартфони.