Војни за туѓа сметка
4 јуни 2015Терористите од Исламска држава почнаа со детонации во сирискиот антички град Палмира, што неодамна го освоија. Сепак, засега не ги дигаат во воздух античките споменици, како што се стравуваше, туку минираа еден затвор во кој претседателот Асад ги затвораше противниците на својот режим. Амнести интернешнл тој затвор уште во 2001 година го опишуваше како место во кое „затворениците се изложуваат на најголеми маки, најголеми понижувања и најголем страв“. Не е чудо што ИД пред уривањето објави фотографии од внатрешноста на затворот-со тоа терористите на населнието му се препорачаа како еден вид опозициона сила.
Тешко против герилците
Режимот на Асад како да се натпреварува во бруталност со терористите. Пред неколку дена, според тврдења на Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон, владините трупи од воздух го нападнале градот Ал Баб, кој исто така е под контрола на ИД. Местото било бомбардирано со импровизирани бомби, односно со буриња полни експлозив и метални делови. Страдаа најмалку 59 цивили.
Значи, на бруталните напади на ИД режимот на Асад одговара уште побрутално, па спиралата насилство најдобро ја опишува состојбата во која се наоѓа Сирија. Тука малку помогнаа и речиси секојдневните воздушни напади на САД врз позициите на терористите во Сирија и во соседен Ирак. Постојат воени и политички причини зошто борбата против Исламска држава досега е јалова.
Воените првенствено лежат во герилскиот начин на борба на терористите. Дури и кога заземаат цели градови, припадниците на ИД се поделени во мали групи кои се тешки за елиминирање од воздух. И да бидат погодени, загубите во луѓе за ИД остануваат минимални. Или, уште полошо, во воздушните напади страдаат цивили, токму како во Ал Баб, што многумина сунити мотивира на приклучување кон ИД.
Страдања и војна за туѓа сметка
Ништо подобро не е ни на политички план. Сите паднати блискоисточни држави можат да се сметаат како арени на судирот меѓу шиитски Иран и сунитска Саудиска Арабија. Во Сирија и во Ирак, но и во Јемен, всушност се војува за сметка на Техеран и Ријад. Иран е присутен во Ирак, каде се исклучително силни шиитските паравојски, додека во Сирија е активен либанскиот Хезболах, истотака продолжена рака на Техеран. Саудијците од друга страна ги вооружуваат и финансиски ги помагаат сунитските групи кои во Сирија се борат против Асад, но декларативно и против ИД.
Така е создаден атомизиран фронт во кој победите и поразите траат по два-три дена, пред ситуацијата на боиштето да се промени. Ал Џазира пишува оти „сирискиот режим ја разорува земјата која наводно ја штити. Опозиционите групи се несреќни партнери на регионалните сили кои ги следат своите интереси или токму тие групи се одговорни за дивиот екстремизам.“ Катарската медиумска мрежа дополнува оти никој веќе не се грижи за итересите на населението на Сирија, туку секој војува од „себична сметка“.
Моќта на шиитските паравојски
Дневниот весник Ал хајат, инаку финансиран од саудиски магнат, пишува оти Иран се обидува да го зголеми своето влијание во Сирија, Ирак, Либан и Јемен, па дури и дека појавата на ИД му одговара. Зашто, Техеран сега се претставува како единствена регионална сила која е во состојба самостојно да се спротистави на терористичката група. „Техаран сака да му покаже на Вашингтон дека не треба да се има ништо против иранското присуство во Сирија и Ирак, зашто и онака борбата против ИД е приоритет за Иран“, пишува овој весник.
Шиитските паравојски во Ирак веќе имаат добра позиција- војската на владата во Багдад е принудена на соработка со нив, зашто самата не е доволно моќна да се справи со ИД. И тоа без оглед што шиитските милиции се познати по злосторствата над сунитското население, што Амнести интернешнл повеќекратко го критикуваше. Се‘ побројни се гласовите кои предлагаат некакаква се‘арапска колаиција која заеднички би се борела против ИД и така би било избегнато конците да ги влече Иран. Но, тоа е само во далечна иднина.
Како што деновиве изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, борбата против ИД ќе потрае. Штајнмајер не го прифаќа тврдењето според кое напредувањето на ИД е донекаде запрено. „ИД и натаму е смртна опасност за муслиманскиот свет и реална опасност за сите нас“, изјави германскиот министер.