Македонија бара внимание од Брисел
13 јуни 2017Македонија, или како што нужно се нарекува „Поранешна Југословенска Република Македонија“ или „ФИРОМ“, работи на Акциониот план за членство во НАТО од 1999 година, во истовреме кога алијансата ѝ климна со главата и на Албанија. Балканските соседи Хрватска и Црна Гора тој статус го добија во 2002, односно 2009 година.
Од сите нив, денес само Македонија е надвор од алијансата, заглавена речиси цела деценија поради спорот со Атина околу името „Македонија“, кој го делат и балканската држава и регион во Грција.
„Ние бевме први на линијата, а сега се чини сме последни“, вели македонски дипломат кој сака да остане анонимен. „Поради тоа сме многу депримирани.“
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан по средбата со новиот премиер Зоран Заев во Брисел изјави: „Мислам дека има нов момент. Мислам дека може да ја искористиме ситуацијата и да постигнеме напредок“.
Додека генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја нагласи потребата владата на Заев да ги спроведе реформите, Заев неколку пати алудираше на причините зошто сојузниците треба да го третираат членството на неговата земја како свој интерес, потенцирајќи дека е „важно Западниот Балкан да остане безбеден и стабилен“.
Како во случајот со Црна Гора, Кремљ спроведува политика на „цврста рака“ во Македонија. Македонски дипломат потврдува дека притисокот од Москва „не е видлив, но е сеприсутен, може да се почувствува“.
Центарот за следење на органзииран криминал и корупција (ОЦЦРП) минатата недела објави досие засновано на информации од македонски разузнавачки служби. „Пред околу девет години имаат нотирано дека руската амбасада во земјата ги зголемува своите разузнавачки активности“, вели за ДВ Обри Белфорд од ОЦЦРП, додавајќи дека притоа се користеле т.н. софт-пауер техники, како плаќање на медиуми за про-Кремљ приказни и обиди за влијание врз локалните политичари да не ѝ даваат поддршка на натамошната западна интеграција на земјата.
Извор од НАТО за ДВ потврди дека алијансата има свои докази за руски обиди да се маргинализира македонскиот напредок.
Гордана Делиќ, директор на „Балкански фонд за демократија“, вели дека и западните пријатели на Македонија имаат извесна одговорност за демократските дефицити на земјата. „Спорот за името е нешто што беше многу запоставувано од страна на сите“, вели таа за ДВ. „Политичките превирања се последица на глобалните предизвици, но и на тоа запоставување.“
Според Делиќ, не е предоцна тоа да се поправи, доколку и НАТО и ЕУ се подготвени да пружат „сериозна, искусна и посветена помош“. Делиќ предупредува дека владата на Заев се чини дека ги нема проблемите на претходниот режим, како корупција и руско влијание, што е добро, но владата исто така има малку врски со сопствената полиција, војска и безбедносни служби. „Балканот е извонредна платформа и за ЕУ и за НАТО да го докажат своето единство на паметен и интелигентен начин“, уверена е Делиќ. „Сега е време да се заврши незавршената работа. Интеграцијата на Западниот Балкан во трансатлантската заедница е вин-вин ситуација.“
Двете страни имаат свое мислење за тоа што значи „незавршена работа“. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг од Заев бара да се фокусира на зацврстување на владеењето на правото во Македонија како најдобар начин за спротивставување на она што тој еуфемистички го нарекува „странско мешање“. Заев ветува дека ќе го стори тоа, но на Столтенберг исто така му рече дека очекува неговата земја да биде „наредната добра вест од НАТО“ и македонското знаме наскоро да се вее пред седиштето на Алијансата.