Пронајден вториот мобилен телефон на Катица Јанева
23 јули 2019Вториот телефон на обвинителката Катица Јанева за која таа тврдеше дека е загубен бил пронајден кај друго лице, соопшто Јавното обвинителство за организиран криминал. Оттаму потврдуваат дека апаратот е пронајден и одземен, а ќе следува негово вештачење. Мобилните телефони на Јанева беа предмет на интерес на Обвинителство поради истрагата за случајот „Рекет“, во кој се споменува и нејзиното име, иако не е осомничена.
„Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI-меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, соопшти утрово Јавното обвинителство.
ЈО сега ќе треба да утврди и кога „е изгубен“ вториот телефон на Јанева - дали тоа се случило далеку пред да биде обелоденет случајот „Рекет“, или непосредно во деновите пред или потоа.
Претходно, обвинителката Вилма Русковска соопшти дека е завршено вештачењето на првиот мобилен телефон на обвинителката Катица Јанева, но одби да открие детали за тоа што било утврдено од него.
Специјалната обвинителка Јанева формално е на боледување од 16 јули, еден ден откако најави заминување од функцијата, но и обелоденувањето на случајот „Рекет“ од нејзините колеги од ЈО.
Двајцата осомничени за рекетирање на бизнисмен, Бојан Јовановски и Зоран Милевски во меѓувреме добија 30-дневен притвор.
ЈО ги гони двајцата осомничени затоа што рекетирале познат бизнисмен кој бил под истрага од обвинителство. Рекетот се одвивал на тој начин што првоосомничениот Јовановски од бизнисменот барал, и успеал да добие, пари во замена за ослободување од кривично гонење. Од првично бараната сума од 8 милиони евра, цената била спуштена на 5 милиони, за на крајот 1,5 милиони евра му биле исплатени на првоосомничениот од страна на бизнисменот. Меѓу осомничените и бизнисменот за кој се воделе истражни постапки биле реализирани повеќе средби за кои посредувал второосомничениот Милевски.