Вуковар во заборав
18 ноември 2011„ Тоа е проблемот со изгубените војни. Имам впечаток дека полека се’ се прекрива со еден плашт на заборав. А она што е доминантно е едно општо чувство на нелагодност. Така што тоа е прашање на еден апсолутен и целосен пораз. И се разбира во секој пораз се бараат психолошки оправдувања“, вели Милош Васиќ, новинар кој за време на крвавиот распад на поранешна Југославија известуваше од вуковарскиот фронт.
Заборавот- пат кон повторување
Политичарот Ненад Чанак, кој беше антивоен активист, поради што беше принудно мобилизиран и одведен на боиштето, вели дека бегањето од минатото е многу опасно за иднината. „Кој работи на тоа да биде заборавено сето тоа , работи на тоа да се повтори сето тоа. Секој оној што ја прикрива вистината за Вуковар и за целиот тој период е одоговорен и за тоа што сторителите на големи злосторства нема да ги стигне раката на правдата и за тоа што тие злосторства можат да се и повторат“, порачува Чанак.
Новосадските студенти кои се родени на крајот од осумдесетите и почетокот на деведесетите години од минатиот век, главно не знаат за тој трагичен дел од неодамнешната историја: „Не снам многу, родителите не ми разкажувале могу за тоа. Но што и да се случило не треба да се повтори“, вели еден од нив.
„Доаѓам од краиште каде истотака имаше војна, но не сум многу запозната со она што се случувало во Вуковар. Само знам дека тоа беше страшно за нас кога бевме малечки. Не прашувавме многу за тоа , токму поради фактот дека се плашевме од она што се случуваше“, вели една студентка.
Симболи на деструктивна енергија
Некои од студентите пак велат дека ја разбираат симболиката на Вуковар:
„Вуковар според мене е симбол на најдеструктивната енергија која постоела меѓу тие народи, симбол на грабежи, разурнувања... Ништо убаво не може да се помисли кога денес ќе се каже ’Вуковар’ во Европа или во светот“, истакнува еден новосадски студент.
Пред српските судови 15 лица се правосилно осудени на повеќегодишни затворски казни поради воените злосторства извршени на територијата на Вуковар во 1991 година, а во тек се уште поголем број истраги за злосторствата извршени во тој хрватски град за време и по опсадата на тогашните сили на Југословенската Народна Армија и на српските доброволци.
Автор: Динко Грухоњиќ/ Симе Недевски
Редактор: Борис Георгиевски