1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ и Косово: одлучувам сам, а одговорноста ја делиме

Ивица Петровиќ
25 јули 2017

Вучиќ најави внатрешен дијалог за Косово така што напиша авторски текст и дебатираше сам со себе на Пинк. Соговорниците на ДВ веруваат дека тој сака да ја подели одговорноста за „полупризнавањето“ на Косово

https://p.dw.com/p/2h5c7
Symbolbild Verhältnis Kosovo Serbien
Фотографија: AP

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ продолжува да ја подгрева темата „внатрешен дијалог за Косово“, која беше дел и од неговиот инаугуративен говор. Во авторски текст за Блиц, Вучиќ ја повтори потребата за дијалог во српското општество за решавање на проблемот Косово „за тој товар да не им се остава на потомците, и затоа што е потребно сите заедно да пронајдеме одговор кој ќе биде траен“.
Според неофицијалните најави, тој дијалог треба да започне во септември, но ни авторскиот текст, ниту исцрпното речиси монолошко гостување на Вучиќ на Пинк не ги расчистија бројните дилеми. Наместо платформа за разговори, Вучиќ понуди мешавина на фрази, прошарани со лични и присвојни заменки, па оттука може само да се нагаѓа кого планира да го повика на дијалог, колку тој ќе трае, и во каков формат ќе се води.
Душан Јањиќ, координатор на Форумот за етнички односи, за ДВ вели дека не е оптимист дека таков дијалог воопшто ќе се одржи. „Вучиќ всушност нема јасна идеја за што ќе се преговара, но затоа однапред ги дисквалификува сите кои би можеле да бидат против“. Јањиќ смета дека во тоа всушност се наѕира дека повикот на дијалог всушност е манипулација во стилот: „јас ве прашав, вие молчите, не одговарате- па јас донесов одлука, а сега треба да ја поделиме одговорноста“.

Serbien Parlament in Belgrad - Amtsantritt Präsident Aleksandar Vucic
Со кого сака да дебатира Вучиќ?Фотографија: Reuters/M. Djurica

Признавањето на Косово не е магично решение

Состојбата на Балканот за забрзува, вели за ДВ Душан Пророковиќ од Центарот за стратешки алтернативи. Тој тоа го гледа од приемот на Црна Гора во НАТО, како и забрзаната процедура за влез на Македонија во Алијансата. „Во тој контекст го гледам и ова ткн. решавање на косовскиот проблем. Се додава гас, се сака брз крај на целиот процес и влегување на Косово во Обединетите нации- можеби веќе и следната година“.
Според него, најавениот внатрешен дијалог би можел да му даде легитимност на тој процес. „Ние ќе водиме некаков дијалог кој на крајот ќе резултира со заклучок дека мораме да ја прифатиме реалноста, а тоа е Косово да стане член на ОН без формално признавање од Србија“, вели Пророковиќ. Тој дополнува дека тоа на јавноста ќе и биде претставено како средно решение: ние не ја признавме Приштина, не воспоставуваме дипломатски односи, но Косово ќе го легализира својот статус во ОН, бидејќи тоа е реалноста.
Јањиќ смета дека Вучиќ одлучил да постигне некој вид консензус- за да ја сподели одговорноста. „Тој бара поддршка за себе како преговарач да може да одлучува за иднината на Србија. Но, дијалогот не може да биде манипулација за одговорноста за она што е или не е направено да биде префрлена на некоја општа јавност: врз некои Срби кои молчат, ноеви кои ја држат главата во песок или, најсилната слика која Вучиќ ја изговори по тој повод, гуски во магла“.
Дополнително, смета Пророковиќ, опозицијата воопшто нема причина да учествува во таа претстава. „Мислам дека дури и партии кои 20 години повторуваат дека Косово е независно, елегантно ќе се повлечат и таа одговорност ќе му ја остават на Вучиќ“.