Вучиќ обвини „странски служби“ за протестите во Белград
8 јули 2020Синоќешните насилни протести во Белград против најавениот полициски час го предомислија српскиот претседател Александар Вучиќ. Денеска во обраќање до нацијата тој соопшти дека се откажува од таа намера, иако ја смета за исправна.
На улиците на Белград синоќа владееше хаос откако илјадници луѓе излегоа на протести и се обидоа да влезат во зградата на парламентот, незадоволни поради најавата за продолжен полициски час за време на викендот. Српските власти размислуваа за ваков потег откако бројот на новозаразени од коронавирусот почна засилено да расте последните денови.
Критичарите го обвинуваат автократскиот српски лидер дека придонел кон ширењето на заразата со прераното укинување на рестриктивните мерки во пресрет на изборите во земјата на 21 јуни.
Вучиќ најави дека владата ќе одлучи за новите мерки кои би можеле да опфаќаат скратено работно за време за ноќните клубови и казни за неносење маски.
За вчерашните протести „на десничарските и профашистичките демонстранти“ во Белград, Вучиќ обвини странски тајни служби, но не ги именуваше. Притоа, тој го бранеше однесувањето на полицијата која во неколку наврати жестоко се пресметуваше со демонстрантите со употреба на солзавец и палки.
„Никогаш нема да дозволиме дестабилизација на Србија одвнатре и однадвор“, рече Вучиќ додавајќи дека „протестите немале никаква врска со коронавирусот“.
Српската полиција соопшти дека привела 23 лица по протестите кои траеја повеќе од 6 часа. Во судирите биле повредени 43 полицајци и 17 демонстранти, тврди полицијата.