1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Вучиќ се попишмани за одењето во Црна Гора на Божиќ

ЖА
4 јануари 2020

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека  нема за Божиќ да ја посети северна Црна Гора, како што најави претходно, за да не дава повод Подгорица да тврди дека е тоа напад на нејзината независност.

https://p.dw.com/p/3VhzK
Serbien Präsident Aleksandar Vucic auf einer Pressekonferenz in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Miskov

На конференција за новинарите, по состанокот со патријархот на Српската православна црква, Иринеј, тој изјави дека неговата посета власта во Црна Гора би ја искористила за да тврди дека е напад врз независноста и уставниот поредок во Црна Гора.

„Ја почитуваме нивната независност, без оглед на моето мислење за мрзливоста и глупавоста  на власта во Србија во 2006. година. Донесов одлука да не патувам и со неа е согласен и патријархот Иринеј“, рече Вучиќ.

Тој дополни дека неговата посета веќе била подготвена, знае дека на литургијата во Плевље, каде имаше намера да присуствува, би дошле меѓу 30.000 и 40.000 Срби, но против него во Црна ГОра е покрената „хајка“.

„Одлуката ја донесов зашто сум сигурен дека тоа би предизвикало судири, а јас не сакам судири, зашто знам дека некои тоа би го искористиле за да му наштетат на српскиот народ во Црна Гора“, потенцира Вучиќ.

Осврнувајќи се на ставот на меѓународната заедница по повод неговата најавена посета, Вучиќ рече дека таа води „хистерична кампања со лаги“, наведувајќи го текстот на новинската агенција Асосиетед прес која посетата ја оцени за „долевање масло во огнот“.

Montenegro Proteste gegen umstrittenes Kirchengesetz in Podgoria
Протести во Црна Гора против Законот за вероисповедФотографија: picture-alliance/AA/M. Vujovic

Вучиќ претходно ги отфрли наводите на црногорскиот премиер Душко Марковиќ дека Црна Гора е исправена пред предизвик за зачувување на својата независност, откако навивачи на Црвена ѕвезда во Белград пред амбасадата на Црна Гора запалија црногорско знаме. Според Вучиќ, Црна Гора се обидува да ги земе светилиштата кои им припаѓаат на српскиот народ и СПЦ.

Во Црна Гора со денови се одржуваат протести на верници на СПЦ и на други граѓани, а повод е усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед, кој според демонстрантите, е насочен против правата на СПЦ и на Србите.

Законот за слобода на вероисповед  кој парламентот во Црна Гора го усвои на крајот од декември со тесно мнозинство и со низа инциденти,  предвидува црквите да мора да го докажат поседот на зградите и недвижностите  кој го стекнале меѓу 1918 и 1920 година.