1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г20 во Бон: Прва средба меѓу Тилерсон и Лавров

Ж.А. /агенции
16 февруари 2017

Американскиот министер за надворешни работи првпат по стапувањето на функцијата се сретна со рускиот колега. Германија е домаќин на средбата на шефовите на дипломатиите на Г20, посветена на најгорливите светски прашања.

https://p.dw.com/p/2XhSn
Deutschland G 20 Außenministertreffen in Bonn - Rex Tillerson
Фотографија: picture alliance/dpa/B. Smialowski

Рекс Тилерсон (на насловната фотографија) и Сергеј Лавров имаа прв билатерален разговор по стапувањето на должност на американскиот министер за надворешни работи. Двајцата политичари изразија задоволство од среќавањето во Бон, пред денешниот почеток на дводневната неформална средба на шефовите на дипломатиите на земјите од Г20. На поранешниот нафтен менаџер Тилерсон му се припишуваат добри контакти со Москва. Тој на Лавров денеска му порачал дека САД ќе соработуваат со Русија, но само ако тоа е од интерес на САД. Лавров пак пред средбата истакнал дека Русија не се меша во внатрешните работи на други држави. 

Односите меѓу САД и Русија во минатите години константно заладуваа поради украинскиот конфликт.Новиот американски претседател Доналд Трамп во изборната кампања најави затоплување во дипломатските врски. Сепак, Трамп неодамна се изјасни во прилог на нужноста Русија да ѝ го врати на Украина анектираниот полуостров Крим, што Москва одлучно го отфрли.

Учеството на состанокот на Г20 во поранешниот германски главен град е прво патување во странство на Рекс Тилерсон во улога на министер. Исто како и останатите учесници на Конференцијата, и тој на нејзините маргини има редица билатерални состаноци, меѓу кои и со британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон. Двајцата со шефовите на дипломатиите од арапски земји ќе одржат нефомални советувања околу конфликтот во Јемен.

Deutschland Bonn G20 Treffen
Сергеј Лавров и Зигмар ГабриелФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Meissner

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изврши размена на мислења и со домаќинот на средбата, германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел. Во претходно интервју, на прашањето дали е Русија партнер, конкурент или противник на ЕУ, германскиот министер одговори: „Во прва линија, Русија е наш сосед, сакале ние или не.“ Но, во партнерството со оваа земја не смее да се влегува наивно. „Посилна Европа не е важна само во односот кон САД, туку и кон Русија“, смета Габриел.

Целта на германското министерство за надворешни работи е групата Г20 да даде јасен знак на мултилатеризам, односно за централно значење на меѓународните договори и организациите како ОН, потенцира Габриел.

„Ниедна држава во светот не може сама да се справи со огромните меѓународни проблеми на денешнината“, потенцираше Габриел пред почетокот на средбата на Г20, предупредувајќи од изолационизам.

Мотото на средбата на Г20 во Бон гласи: „Уредување на глобалниот поредок - надворешната политика од другата страна на кризниот менаџмент“. Ова е еден од најголемите политички самити одржан во Германија. Во јули во Хамбург ќе се сретнат шефовите на државите од Г20.

Г20 обединува земји во кои живеат две третини од светското население и имаат 80 проценти од светскиот економски учинок.