1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г7 - трансатлантска забава на плажа

Барбара Везел
14 јуни 2021

Самитот на Г7 донесе хармонични семејни фотографии во идилично опкружување. Но, колку навистина тежи заострената политика кон Кина и заложбите за заштита на климата и вакцинацијата, допрва ќе се види, смета Барбара Везел

https://p.dw.com/p/3urHF
G7-Gipfel in St Ives 2021 | Gruppenfoto
Фотографија: Patrick Semansky/AP/picture alliance

Пред неколку години беше модерно средбите на Г7 да се критикуваат жестоко и да бидат прогласени за бесмислени и расипнички. По принудната пауза поради Ковид-19, трансатлантската забава на плажа во британски Корнвал заслужува да ѝ се даде шанса. Многу е важно водечките светски политичари повторно да се сретнат во живо и да се појават заедно. Политиката е и симболика и цената што треба да се плати е поднослива доколку има добар исход. Но, дали е тоа така?

САД се вратија

Barbara Wesel Studio Brüssel
Барбара ВезелФотографија: DW/G. Matthes

Со овој слоган претседателотЏо Бајден ја потврди својата волја за обнова на трансатлантската соработка. По проплаканите солзи на Западот од Доналд Трамп, секаков пријателски гест сега се доживува како капка дожд на пресушена почва. Ангела Меркел или Емануел Макрон изгледаа среќни поради средбата со американски претседател кој ги слуша што зборуваат и ги сфаќа сериозно. И на крајот нема никакви твитови, ниту навреди – каква убава нормалност.

Во заедничката повелба учесниците се заложија за реафирмирање на трансатлантските односи, заедничко решавање на идните проблеми и да се поврати светскиот поредок заснован на правила. Тоа е многу полесно да се каже отколку да се направи, бидејќи ерозијата на правата и законите во последниве четири години е огромна.

И безусловната доверба на Европејците во политичкиот систем и потпирањето на САД е разнишана. Кој им гарантира дека за четири години во Вашингтон нема повторно да дојде некој нов Трамп на власт? Со сето олеснување кое доаѓа со Џо Бајден, старата безусловна доверба нема никогаш да се поврати. И понатаму останува волјата за поголема автономија на ЕУ.

Студена војна со Кина?

Основите за нова построга политика кон Кина се формулирани во заедничките заклучоци од средбата. За првпат Пекинг е недвосмислено конфронтиран со неговата повреда на човекови права, со принудната работа и угнетувањето на Ујгурите и разбивањето на опозицијата во Хонгконг.

Ова е добро, но задоцнето. И ги става Европејците во тешка позиција. Тие од една страна сакаат заедно со САД да настапат против кинеската агресија, но од друга страна не сакаат да бидат вовлечени во студена војна со Кина. Германската канцеларка потсетува на тоа дека без Кина нема да може да се решат глобални проблеми, како на пример заштита на климата. Таа на ум го има и германското стопанство, исто како и останатите Европејци своите интереси. До каде ќе успее ЕУ да жонглира - од една страна соработувајќи со Кина, а од друга да се активира против нејзините политики, е сосема неизвесно.

Премалку за заштита на климата и вакцини против корона

Во однос на климатската политика ветувањата на Г7 се непрецизни и празни. И по децении дебата и натаму не може да се договорат за цврст датум за прекин на користењето на јаглен. Тоа не е само слаб перформанс, тоа е срамно. А, општите искази за климатска неутралност до 2050 година се безвредни ако не се поткрепени со конкретни датуми и мерки. Сѐ беше префрлено за климатската конференција во ноември годинава. „Се удавивме во ветувања, сега е време за дејствување”, предупредуваат демонстрантите во Корнвал. Но, премиерите беа премногу оддалечени за да ги чујат.

Општото ветување за една милијарда дози вакцини против Ковид-19 за сиромашни земји повторно наликува на „лага во обланда”.

Тоа е многу помалку од објективните можности на Г7, дотолку повеќе што СЗО вели дека се потребни 11 милијарди дози. Невладините организации критикуваат дека недостига практична помош, финансиска поддршка и план за да може светското население и де факто да биде имунизирано во текот на следната година.

Големо шоу на заедништво - во деталите разочарувачко

На крајот, демонстрацијата на заедништво во Корнвал служеше за добра политичка цел, бидејќи беше итно потребно да се испрати порака за да се надминат ужасите од ерата на Трамп. Но, настрана од големата слика, обновената соработка разочарува.

Таа мора да придонесе многу повеќе за решавање на глобалните проблеми отколку слабите ветувања од Корнвал. Барањето адресирано до Бајден и пријателите е јасно: мора да испорачате многу повеќе и што побрзо.

И уште збор-два за Брегзит-театарот на Џонсон: тој ги нервираше гостите со кавга околу извозот на колбавчиња и претерано јасно стави на знаење дека планира да го прегази договорот со ЕУ за Северна Ирска. Но, нели штотуку се декларираше дека стои зад поредок базиран на правила и прописи? Вака ништо не бива од новата глобална Велика Британија, за тоа на земјата сепак ќе ѝ биде потребен посериозен премиер.