1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Западот стана малку помал“

ЕМФ / дв
30 мај 2017

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел бара збивање на европските редови и кон Доналд Трамп и неговата влада упатува посилни зборови од Меркел.

https://p.dw.com/p/2dnqj
Außenminister Sigmar Gabriel
Фотографија: Picture alliance/dpa/M. Skolimowska

„Доживуваме еден лидер на САД кој сѐ повеќе се оддалечува од идеалите на западниот свет“, оцени германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел за вториот канал на германската телевизија ЗДФ по самитот на Г7. „Западот стана малку помал во последните денови, или барем послаб“, нагласи Габриел. Седумте најголеми индустриски нации некогаш беа синоним за „зачетокот на западниот свет“, не географски, туку во смисла на заеднички идеали како „демократија, слобода на мислење, но пред сѐ силата на меѓународното право, а не правото на посилниот“, додаде шефот на германската дипломатија. Габриел подвлече дека Доналд Трамп е американски претседател кој „околу важните прашања веќе нема целосна согласност со нас во Европа“. Сега идеите на западниот свет мора да бидат бранети од страна на Европа, рече Габриел, додавајки дека Германија мора да помогне за Европа да стане посилна. „Пред сѐ мораме да престанеме со непочитување на другите или со држење лекции. Тоа во последните години го правевме пречесто.“

Германскиот министер за надворешни работи нагласи и дека има доволно причини да се биде горд на Европа, зашто никаде во светот не се живее подемократски, послободно и побезбедно. „На светот нема ниту еден проект кој може да се спореди (со Европа, н.з.)“

Изјавите на Габриел доаѓаат еден ден по критичките зборови на германската канцеларка Ангела Меркел во врска со глобалната улога на САД и Велика Британија, кои наидоа на голем одек во светот. На еден предизборен собир на ЦДУ и ЦСУ во Минхен, Меркел во неделата ги повика Европејците да ја земат „судбината“ во свои раце: „Времињата во кои можевме целосно да се потпреме на другите се минато“, рече канцеларката.

Italien G7-Gipfel auf Sizilien
Меркел и Трамп на самитот на Г7 во Италија, 26.05.2017Фотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler

Портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт, побрза да даде уверување дека канцеларката е „длабоко уверена 'трансатлантичарка'“. Тој додаде дека Германија „ќе работи на зајакнување на тие односи“. Меѓутоа, токму поради тоа „е исправно искрено да се посочат разликите“. На самитот на Г7 во Италија американскиот претседател Доналд Трамп, меѓу другото, не се согласуваше со останатите по прашањата на заштита на климата и на справувањето со бегалската криза.