1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гатанката со име Пегида

Хајнер Кизел / Е.М. Фиданоска20 јануари 2015

Како размислува Пегида, односно оние кои протестираат против исламот? Една студија направена по брза постапка укажува на расистичко размислување, но авторите предупредуваат на претпазливост во третманот на резултатите.

https://p.dw.com/p/1EN6O
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Одеше брзо. Пред само една недела Дитер Рухт и неговите колеги од Истражувачкиот центар Берлин (ВЦБ) излегоа на улиците во Дрезден за да ги придружуваат и истражуваат демонстрациите на движењето непријателски настроено кон исламот - Пегида. Потоа следуваше интензивно анализирање на податоците. „Сите сме малку преуморни“, ги коментира Рухт уморните лица на своите колеги. Насловот на студијата со право гласи: „Истражување на протести на лимит“, а поднасловот: „Социолошко приближување до Пегида“. Колку навистина податоците се релевантни за движењето на т.н. „Патриотски Европејци против исламизација на Оксидентот“? Има непресметливи фактори, но Рухт со тоа нема проблем. Тој советува: „Со податоците постапувајте исклучително внимателно“.

Незадоволници кои нерадо учествуваат во истражување

Ова е втора студија за приврзаниците на Пегида во рок од неколку дена. Претходно, истражувачите од Техничкиот Универзитет Дрезден ги окарактеризираа повеќе како незадоволни припадници на средниот слој отколку како просечни граѓани. Истражувачите од ВЦБ, наспроти тоа, во Пегида гледаат десни тенденции. На пример, бројот на демонстранти на Пегида кои сметаат дека влијанието на Евреите е „преголем“ изнесува 14,8% и е значително над просекот во вкупното население (11,6%). 81 процент од испитаните Пегида-демонстранти посакуваат „храброст да се има силно национално чувство“. 41,4% од нив се на мислење дека Германија поради големиот број странци станала во опасна мерка „престранска“. На такво мислење во вкупното население се само една четвртина од граѓаните.

Dieter Rucht Wissenschaftszentrum Berlin
Дитер РухтФотографија: DW/H. Kiesel

„Ако во недела би се одржале парламентарни избори, тогаш 89% од приврзаниците на Пегида би гласале за Алтернатива за Германија, а единствена опозициона партија би била (деснорадикалната) НПД“, додава Сабрина Зајак, една од авторите на студијата. Една третина од приврзаниците на Пегида се смета себеси за „десноориентиран“, додава професорката на Рур-Универзитетот Бохум.

Но дали се тоа релевантни податоци за просечниот приврзаник на Пегида? Научниците учесници во истражувањето тука имаат сомневање. Кругот на испитаници е прилично мал, признава Дитер Рухт. Неколку тимови истражувачи ги придружувале демонстрациите во Дрезден. Тие го набљудувале развојот на протестите, во своите забелешки ставиле дека учествуваат претежно мажи, дека има впечатливи групи мажи со хулигански и неонацистички обележја. Истражувачите барале контакт со учесниците на протестите, но демонстрантите биле исклучително многу воздржани. Од 17 до 20 илјади учесници на демонстрациите, 670 добиле прашалник в раце, а одговориле само 123-ца. На крајот, се изјасниле пред се‘ луѓе со добро образование и сигурна плата. Значи, „нормалните“. Повеќето се од Дрезден или од околината на овој град. Тоа е специјална група, но во очите на истражувачите овој состав на луѓе го прави ова движење уште посомнително. „Не смее да се мисли дека кај образованите луѓе тенденцијата кон десничарски и расистички изјави е помала“, нагласува Сабрина Зајак.

Sabrina Zajak Wissenschaftszentrum Berlin
Сабрина ЗајакФотографија: DW/H. Kiesel

Владата жали поради забраната за демонстрации

Нов поглед во битието на дрезденска Пегида вчеравечер не можеше да се фрли, со оглед на тоа што демонстрациите беа забранети од страна на властите поради опасност од тероризам. Владата изрази жалење поради оваа одлука, со укажување на високата вредност што ја има слободата на демонстрирање и собирање. Владиниот портпарол Штефен Зајберт рече дека е тоа „особено високо добро во нашата демократија кое вреди да се брани“ и подвлече дека е пожелно „граѓаните да можат да го практикуваат ова основно право“. Дрезденската полиција забрани секакви протести на отворено поради безбедносни стравувања. Портпарол на Пегида сепак најави дека ќе се продолжи со протести.