Гебелс: биографија на мајсторот за пропаганда
10 декември 2010Февруари 1943 година, средината на Втората светска војна. Германската војска претрпе тежок пораз во битката кај Сталинград. Северно-африканскиот фронт беше пред колапс-очигледна беше бесмиленоста на продолжувањето на војната. Во таква безизлезна ситуација Јозеф Гебелс, министер за пропаганда на Третиот рајх, во спортската сала во Берлин го дофати микрофонот и извика: „Сакате ли тотална војна? Зовриената маса му одговори со едно одушевено-ДА!
Талент за манипулација со масите
Токму тука лежеше силата на Јозеф Гебелс: шефот на Хитлеровата пропаганда можеше да ги мобилизира масите, да ги запали и да манипулира со нив, се‘ во согласност со националистичката идеологија. Јозеф Гебелс беше близок соработник на Хитлер. Легендарни се неговите тиради на омраза кон Евреите со кои подготвуваше терен за нацистичката политика. Така во април 1933 година, само три месеци по преземањето на власта, повика на бојкот на еврејските продавници.
„Денеска во десет часот започна бојкотот, кој ќе продолжи до полноќ. Тој е проникнат со неверојатната жестина и импонирачка машкост и дисциплина. Поздрав партијата и за нашиот водач,“ извикуваше Гебелс.
Историчарот Петер Лонгерих напиша сеопфатна биографија, која првпат фрла поглед зад кулисите на Министерството за пропаганда. Лонгерих е прв германски Гебелсов биограф кој за извори ги користи комплетните изданија на дневниците на министерот за пропаганда. Гебелес од 1924 година па се‘ до самоубиството во 1945 година детално ги запишувал своите мисли, набљудувањата, настаните.
Поделена личност
Во неговите сведочења биографот Лонгерих забележува сериозно пореметување на личноста на нацистичкиот пропагатор. Причината можеби е раниот хендикеп, од кој страдал по заболувањето на коскената срж во раното детство, мал по раст и крив, цел живот се борел за свое потврдување.
Роден во католичката Рајнска област, рано и‘ го свртил грбот на религијата, а неговиот нов спасител се викал Адолф Хитлер.
Било очигледно дека во Хитлер гледал некој вид божји пратеник, човек со натчовечки способности. Треба да се напомене дека тој самиот не бил во позиција да развива политички концепти. Тој му се воодушевувал на Хитлер, му изгледало дека тој може да воспостави визија. Се восхитувал и на силата, способноста на Хитлер за зачувување на присебноста и во кризни ситуации, моќта да се сочека донесувањето одлука до последен момент. Тоа всушност биле работи кои нему му недостасувале, истакнува историчарот Лонгерих.
Замена за религијата-националсоцијализмот
Националсоцијализмот за Гебелс бил замена за религијата. Партијата и Хитлер му овозможиле општествен напредок и му го дале признанието по кое копнеел. Од неуспешен писател и новинар станал агитатор на нацистичкото движење и еден вид „генерален директор“ на тоталната војна.
Во својата работа бил исклучително успешен. Без Јозеф Гебелс, кој прво од Хитлер направил „бренд“, нацистичката политика не би имала толкава моќ. Шефот на пропагандата го смисли и слоганот „Еден фирер-еден народ“, но виртуозно се служеше и со новите медиуми од тогашно време, звукот и филмот и нивната моќ за манипулација.
Биографијата исто така покажува портрет на човек кому во борбата за статус и успех секоја жртва му била оправдана, па дури и сопственото семејство. На први мај 1945 година, кратко по капитуалцијата на нацистичка Германија, побегна со својата жена Магда и изврши самоубиство. Кратко претходно брачниот пар ги отру своите шест деца.
Автор: Зигрид Хоф/ Жана Ацеска
Редактор: Симе Недевски