1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерално собрание на ОН - големата кризна средба

Геро Шлис / Александар Методијев24 септември 2014

Повеќе од 140 премиери се очекуваат на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Актуелните кризи, како Исламската држава, еболата или односот кон Иран го засенуваат Генералното собрание на ОН.

https://p.dw.com/p/1DJEx
Фотографија: Emmanuel Dunand/AFP/Getty Images

За германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во неделата во која се одржува генералното собрание на ОН се работи за тоа „да се поддржи новата ирачка влада, која ги поправа грешките од минатото“ и да се направи обид сите региони и религии да се внесат во една заедничка влада. Целта е „да се одземе поддршката за Исламската држава“, која досега ја добиваше од разочараните делови на ирачкиот народ.

Штајнмајер сака во Њујорк активно да соработува во „ангажманот против исламистичкиот тероризам, каков што организира Исламската држава“ и притоа да ја истакне улогата на Германија, имајќи ги предвид германските испораки на оружје за курдските борци во Ирак.

Германски војници против Исламската држава?

Дојче веле од повеќе извори дозна дека во владата на Обама постојат дополнителни желби во однос на Германија. Очигледно се очекува краткорочно Германија да земе учество во воздушните напади против Исламската држава, а во случај на копнена акција на американските специјални единици Германија и тука да даде свој придонес. Генералното собрание на ОН е добра прилика за Штајнмајер да се соочи со овие очекувања. Брзиот напредок на милициите од Исламската држава во северот на Сирија и напливот од курдски бегалци на границата со Турција не и’ ја олеснува досегашната позиција на Германија за воздржаност од германско учество во воздушните напади.

Außenminister Frank-Walter Steinmeier in Bagdad
Мора ли Германија да покаже поголем ангажман во борбата против Исламската држава?Фотографија: picture-alliance/dpa

За време на Генералното собрание на ОН американската влада ќе се концентрира на тоа дополнително да ја зајакне договорената во Париз коалиција против Исламската држава, смета Хедер Конли, експертка за Германија во вашингтонската тинк-тенк организација „Центар за стратегиски и меѓународни студии“. Сега сите очи се вперени кон американскиот претседател Барак Обама. Тој денеска (24.09.) лично ќе претседава со седницата на Советот за безбедност на ОН.

Резолуција против екстремистите

UN Vollversammlung Obama
Обама бара поостар однос кон екстремиститеФотографија: Reuters

Треба да биде донесена една резолуција со која ќе бидат обврзани сите земји да се борат преку националното законодавство против таканаречените „странски борци“. Во моментов, според податови на „Њујорк тајмс“, повеќе од 15.000 странски борци се борат во Ирак и Сирија на страна на Исламската држава и на страната на други исламистички екстремисти. Се проценува дека повеќе од 2.000 од овие лица доаѓаат од Европа, а меѓу нив неколку стотина од Германија. Резолуцијата е поднесена од страна на САД и според весникот „за првпат се поставуваат меѓународни стандарди во националните држави во однос на регрутирањето од страна на терористички организации“. Резолуцијата ќе биде правно обврзувачка, но експертите гледаат слаби можности таа да се спроведе на национално тло.

Други кризни жаришта

Покрај битката против Исламската држава и кризата во Украина, еболата се катапултираше во последните недели сосема високо на агендата на Генералното собрание на ОН.

„Се работи за тоа дека сега меѓународните активности со кои им се помага на најсилно загрозените земји, а тоа во моментов се Либерија, Сиера Леоне и Гвинеа, да се справат со оваа тешка болест“, рече германскиот министер за надворешни работи. Штајнмајер додаде дека „притоа мораат да припомогнат земјите на Северот, кои се медицински подобро опремени отколку многу африкански земји“. Тој притоа мислеше пред се’ на помагање со полски болници, лекови и медицински транспорти. Штајнмајер изрази надеж дека „ќе дојде до значителен пораст во меѓународната понудена помош“.

Ebola Warnung Symbolbild
Западот се наоѓа пред нов предизвик со епидемијата од еболаФотографија: Reuters

Како и минатата година, така и оваа високо на агендата стојат нуклеарните разговори со Иран.