Германија бара 263 илјади инженери и техничари
22 ноември 2019На германската економија, заклучно со октомври годинава, и недостасуваат 263 илјади висококвалификувани кадри, покажува истражувањето на Институтот на германската економија во Келн кое го објавува весникот Велт. Притоа потребно е пополнување на работни места од сите профили- академици но и работници со стручна обука.
„Потребна ни е странска работна сила во сите занимања од електричари до инженери“, вели авторот на студијата Аксел Плинеке.
Во моментов најголемата група странски работници во дефицитарните висококвалификувани занимања доаѓаат од Индија. Далеку зад таа земја се Италијанци, Французи, Кинези, Турци и државјани на други азиски држави. Кај работниците со стручна обука најголем е приливот на луѓе од Турција, Полска и Италија. Во вториот случај се работи за широк дијапазон на професии- од оператори на опрема до мехатроничари.
Експертите велат дека кај најголемиот дел од овие професии познавањето на германскиот јазик не игра голема улога. Тоа особено се однесува за софтверските програмери и природните научници. Затоа овие професии полесно наоѓаат работа било каде во светот за разлика од, на пример, правниците.
Плинеке предупредува дека особено критична со работна сила е состојбата во источните германски покраини. Во покраините Брандебург, Саксонија Анхалт, Мекленбург Предна Померанија и Тирингија е особено висок процентот на вработени во овие бранши кои се пред пензија. Доколку во овие покраини не се подобри културата на добредојде за странските работници, ќе се соочат и со голем демографски проблем. Особено барани во овие покраини се ИТ експертите.
Едно друго истражување деновиве покажа дека на Германија во следната година ќе и бидат неопходни и најмалку 120 илјади градежни работници.