1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија главна цел на барателите на азил

АТ/ дпа/кна/епд21 март 2014

Бројот на луѓето во бегство, кои бараат сигурен азил, не се зголеми само поради граѓанската војна во Сирија. Меѓу западните земји, Германија минатата година беше најчеста цел.

https://p.dw.com/p/1BTyX
Фотографија: picture-alliance/dpa

За првпат по војната во Босна и Херцеговина во Германија се регистрирани најмноу барања за азил во споредба со другите западни индустриски земји. „Германија во групата од 44 индустријализирани држави за првпат по 1999 година е најголемата земја-примател на баратели на азил“, се вели во новиот глобален извештај за азил на ОН за 2013 година.

Германските власти, според податоци на организацијата за бегалци УНХЦР, во минатата година примиле 110.000 барања на азил. Најголемиот пораст притоа е регистиран кај барателите со потекло од Русија и од балканските земји.

УНХЦР нагласува дека ова е бројка на подносители на барање за азил, и не дава никакви информации за тоа колку барања за азил се одобрени. Факт е дека многу барања воопшто немаа изгледи за позитивен одговор, бидејќи земјите на потекло се сметаат за сигурни. „И покрај тоа, постои чудење колку долго трае обработката во Германија“, вели еден диполомат на ОН. „Но, тоа се разбира е работа на германската влада“.

Сиријците во бегство

Германија со ова ги замени САД, кои од 2009 до 2012 година беа главна цел за барателите на азил. Во 2013 година САД се најдоа на второ место со 88.000 баратели на азил. Потоа следуваат Франција (60.000), Шведска (54.000) и Турција (45.000). Значително помалку барања беа доставени во државите во Азија. Во Јапонија имаше 3.300 баратели на азил, а во Јужна Кореја 1.600.

Вкупно во 44 индустриски земји биле доставени 610.000 барања за азил. Тоа според УНХЦР е највисоката состојба по 2001 година. Повеќето од барателите на азил (повеќе од 56.000) доаѓаат од Сирија, земјата погодена од граѓанска војна. Потоа следуваат баретелите од Русија (40.000), Авганистан (39.000), Ирак (38.000) и Србија (вклучително и Косово) со скоро 35.000 барања.