1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го затвора воздушниот простор за руски летови

ЕМФ | агенции
27 февруари 2022

Од денеска во 15 часот германскиот воздушен простор ќе биде затворен за руски летови, потврди германскиот министер за сообраќај Висинг.

https://p.dw.com/p/47feC
Aeroflot Airbus A320 Flugzeug Flughafen Frankfurt
Фотографија: Markus Mainka/picture alliance

Поради војната во Украина, германскиот воздушен простор ќе биде затворен за руски летови почнувајќи од денеска (27.02.2022) во 15 часот. Ваквиот чекор беше најавен уште вчера, а информацијата денеска ја потврди министерот за сообраќај Фолкер Висинг. Забраната ќе важи првично за период од три месеци, при што хуманитарните летови ќе бидат исклучени од правилото.

Претходно својот воздушен простор за руски летови веќе го затворија Бугарија, Полска, Чешка, балтичките држави - Летонија, Естонија и Литванија, како и Словенија, а денеска истото го соопштија и Белгија и Холандија.

Русија, од своја страна, како контрамерка исто така го затвори воздушниот простор за балтички и словенски летови. Бугарските, полските и чешките авиони уште претходно добија забрана. Влез во рускиот воздушен простор не им е дозволен и на британските авиони, откако Лондон ја блокираше руската авиокомпанија Аерофлот. Според Москва, забраните важат и транзитните летови низ рускиот воздушен простор.

- повеќе: Пресврт во Берлин: Германија ќе испорача оружје за Украина и ќе прифати СВИФТ санкции за Русија

Забрана и за руските бродови?

Во ЕУ сега се размислува и за забрани за влез на пристаништата за бродови од Русија. Тоа денеска го потврдуваат претставници на ЕУ во Брисел. Според нивни изјави, во изработка е и предлог документ со кој на руските авиони во иднина би им било забрането за полетуваат и слетуваат на цела територија на ЕУ.