1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Еден милион слободни работни места

Дирк Кауфман
20 мај 2017

Моментно во Германија има рекордно голем број работни места, еден милион непополнети, а притоа и околу три милиони невработени луѓе. Како е можно тоа?

https://p.dw.com/p/2dHbK
Symbolbild Zeitungsinserat Stellenangebot
Фотографија: Fotolia/fovito

Бројките за германскиот пазар на труд се повод за многу суперлативи. На пример, од почетокот на водењето на статистика за целата земја по обединувањето на Германија, во 1991 година, никогаш досега немало толкав број вработени колку денес - 43,7 милиони, соопштија статистичарите од Висбаден. 

Една недела претходно Институтот за истражување на пазарот на труд јави за друг рекорд - во Германија има 1.064.000 слободни работни места. Институтот спровел анкета меѓу речиси 8.000 работодавачи од сите бранши, а во бројката се содржани и непополнетите работни места евидентирани од локалните агенции за вработување.

Deutschland Logo Agentur für Arbeit
Фотографија: picture-alliance/dpa

Плод на економскиот бум

Овие бројки не се случајни, истакнува економистот Александер Кубис од Институтот за истражување на пазарот на трудот во разговор за Дојче веле. Германската економија профитира од заживувањето на светското стопанство и растечката внатрешна побарувачка. Тоа, според Кубес, води кон постоење релативно силно вработување, што пак генерира и нови слободни работни места.

Но, како е можно да има еден милион слободни работни места, додека истовремено бројот на невработени изнесува околу три милиони? Овој феномен не е присутен само на пазарот на работна сила, туку и кај професионалната обука, дуалниот образовен систем. Во својот извештај за 2017 година владата во април констатираше дека не сите млади луѓе можат да најдат место за обука за работа. Министерката за образование Јохана Ванка тогаш сепак констатираше дека „младите луѓе ретко кога имале толку добри шанси да добијат интересно место за професионална обука колку денес“.

Alexander Kubis Wissenschaftlicher Mitarbeiter am IAB
Александер КубисФотографија: IAB

Темелна промена на пазарот на труд

Ваквата наводна противречност на пазарот на труд Александер Кубис вака ја објаснува: „Пазарот на труд во последниве години доживеа комплетни преобразби: досега имавме т.н. работодавачки пазар на труд, што значи претпријатијата имаа можност да избираат меѓу релативно голем број кандидати. Сега ситуацијата се промени- во меѓувреме има сѐ помалку заинтересирани за сѐ поголем број работни места, односно кандидатите можат да избираат која понуда ќе ја прифатат.“

Министерката Ванка истакнува дека понудата на работодавачите не одговара секогаш на претставите кои младите луѓе ги имаат во поглед на својата професионална иднина.

Symbolbild Berufsschüler
Доброто образование- сѐ поважно за работно местоФотографија: Fotolia/Robert Kneschke

Дали постои глад за висококвалификувана работна сила?

Со години претставниците на германската економија создаваат слика за недостиг од стручњаци во земјата. Но, бројките тоа не го потврдуваат, вели Кубис: „Моментно за 100 слободни работни места конкурираат 260 невработени. Сепак, во одредени бранши и области во Германија постои глад за одредени професии.“ 

Студијата на Институтот за истражување на пазарот на трудот покажува дека во одредени бранши речиси нема потреба од работна сила, на пример во земјоделството и шумарството. Во други области пак побарувачката е и натаму исклучително голема - моментно во логистиката и складирањето. И градежништвото, како и бројни услужни дејности, меѓу кои здравството и негувателската бранша бараат работници.

Присутен е и еден друг тренд, истакнува Кубис: „Констатираме дека на фирмите моментно им се потребни во просек 82 дена за пополнување на слободно работно место. Тоа е многу подолго отколку на пример во 2010 година, кога на фирмите им беа потребни 70 дена.“

Важен критериум за вработување е и доброто образование. „Квалификациите играат растечка улога во добивањето работно место“, потенцира Кубис.

При еден милион слободни работни места, претпријатијата само на секое петто работно место примаат кандидат без никакви квалификации. За околу 64 проценти од непополнетите работни места кандидатот треба да има завршено стручно образование, а за 16 проценти дури и завршено високо образование.