Германија– земја на луѓе без храброст во Ковид-кризата
19 март 2021Кој во политиката во вонредни ситуации сака да игра на сигурна карта, со сигурност ќе погреши. Примери за тоа деновиве има „на претек”. Од 1,6 милиони лица кои до сега ја примија вакцината на АстраЗенека во Германија, тројца починаа како последица на тромбоза. Тоа секако се трагични случаи и мора да бидат расчистени.
Но, како и редица други земји и Германија веднаш го сопре вакцинирањето со АстраЗенека и нареди истрага на случаите. Само да не се презема никаков ризик! Последиците пак се предвидливи: темпото со кое се вакцинира во Германија дополнително ќе се забави и како последица на пандемијата ќе умираат уште повеќе луѓе отколку досега, особеносо оглед на фактот дека бројот на заразени токму сега енормно расте.
Правила, прописи и неодлучност
Неодлучност имаше и претходно кога вакцините на АстраЗенека првично беа ставени на располагање: одобрени беа само за лица помлади од 65 години, иако постарите лица се поризична група и со нетрпение ги очекуваа вакцините. Причина за тоа не беше грижа дека може да им наштети на повозрасни лица, туку тоа што немаше доволно податоци за да се биде апсолутно сигурен.
Уште еден пример? Градот Бон има вишок вакцини бидејќи многумина не доаѓаат на договорените термини. Градските власти сакаа да ги дадат вакцините на околните места, но бирократски тоа не е изводливо. Поради тоа властите предложија да се вакцинираат лица од групи кои уште не се на ред според приоритет, бидејќи се помлади од 80 години. Но, министерството за здравство на Северна Рајна Вестфалија не го дозволува ни тоа. Подобро да не се вакцинира воопшто отколку „погрешен"! Во Германија и во вонредни ситуации се мора да биде апсолутно праведно.
А, сето ова се случува во време на апсолутен недостиг од вакцини. Бионтек-Фајзер и АстраЗенека вакцините ги развија во Европа и производството се одвива на континентот, но ниту сојузната влада на Германија, ниту ЕУ беа доволно способни да обезбедат доволни количини.
Паѓа довербата во властите
Отрезнувањето на многу Германци е големо. Тие всушност своевремено се гордееја со тоа дека се светски мајстори за организациски прашања. Германија е татковина на многу фармаколошки компании со светски успех, а и машините за производство на вакцини се прават во земјата и се извезуваат во светот. Секако дека е комплексен процес да се произведе вакцина и да се воспостават и одржат дистрибутивните ланци за снабдување со суровини. Па сепак фрустрира моментот дека веќе три месеци речиси ништо не се случува. Тоа се гледа и по најновите анкети за јавното мислење кои покажуваат дека паѓа довербата во владејачките структури.
Се повеќе Германци сметаат дека министерот за здравство и повеќето покраински премиери „страдаат” од потребата за лично профилирање и некомпетентност. Меѓу нив според народот нема некој „махер”, човек кој ќе тргне по друг пат. Политиката изгледа е парализирана од стравот да биде фатена во грешка. Затоа бавно се реагира и предолго се чека. И така културата на „непреземање ништо” или пак на недоволно преземање мерки се шири од министерствата до општините и нивните службеници. Се почесто се слушаат обвинувања дека државата потфрлила.
Германски истражувања се користат во странство
Еден пример какви што има многу: научниците на Техничкиот универзитет во Дармштад може да докажат точно кој тип на коронавируси и нивни мутации се содржани во отпадните води во Франкфурт. Тоа е всушност систем за рано откривање на состојбата кој може да им биде од корист на градските власти, кои досега имаат само некаква приближна слика за пандемијата. При растечка количина вируси во отпадните води, властите би можеле веднаш да преземат заштитни мерки и обратно, да ги разлабат, доколку состојбата се подобри. Сите би профитирале од тоа – економијата, училиштата, болниците.
Но, властите во банкарската метропола се воздржани, велат дека тоа се само „експериментални резултати од студии". Баш е глупаво за нив што методата веќе се користи во странставо, на пример во Холандија и САД и други места. Некогаш ќе ѝ дојде редот да биде дозволена и во Германија, веројатно откако ќе заврши пандемијата. Токму така доаѓа до ерозија на довербата во државата и нејзините институции. Тоа е опасно за стабилноста на една демократија.