Германија и Ковид-19: Чекор по чекор враќање во нормала
13 април 2020Армин Лашет од секогаш бил на страната на канцеларката Меркел, без разлика дали се работело за државни прашања или внатрепартиски раздори кај Демохристијаните. Но, за време на кризата предизвикана од пандемијата, премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, најнаселената германска покраина, бара друг пристап од канцеларката.
Додека од Берлин слушаме дека не треба да се брза со укинувањето на мерките, Лашет бара за тоа да се разговара и да се воспостават јасни критериуми - кога, под кои услови и како ќе се вратат нормалните текови во Германија?
Покраинската влада на Лашет сега собра група експерти која излезе со првите предлози. Стручњаците велат дека треба да се вага по четири критериуми: каде е опасноста од зараза поголема, а каде помала? За кого вирусот е посебно опасен? Кои гранки се посебно важни за економијата и општеството? И каде е можно да се спроведат заштитни мерки?
Постепено враќање
Меѓу 12-те стручњаци е и Хендрик Штрек, шеф на Институтот за вирологија при универзитетот во Бон, чиј тим во местото Гангелт на крајниот запад на земјата каде беше најголемото жариште на болеста во Германија, утврди дека три пати повеќе луѓе биле заразени од коронавирусот отколку што било откриено со класичните тестови.
Повеќе:
-Германска студија: Последиците од карантинот можат да бидат потешки и од самата пандемија
-Германците (не)се плашат од короната
-Германија ќе ја води Европа или ќе биде дел од нејзината пропаст
Штрек и колегите пресметаа дека во тоа место смртноста од корона изнесувала 0,37 проценти. Во тимот се поранешниот судија од Уставниот суд, Удо Ди Фабио, и директорот на Институтот за германска економија Михаел Хитер. Според информации на новинската агенција ДПА, во заедничкиот документ предупредуваат дека пред попуштањето на мерките мора да постои извесност дека здравствениот систем „во догледно време нема да биде преоптоварен”, па дека дури потоа „да се форсира постепено враќање во нормала”.
Во последните настапи канцеларката Ангела Меркел се уште не сакаше да наведе датум кога мерките за изолација би можеле да бидат олабавени. Извесно е дека тоа нема да се случи пред крајот на велигденскиот распуст на 20-ти април, а телефонска конференција со покраинските премиери ќе се одржи на 15-ти април.
Меркел порано изјави дека е неопходно да се забави епидемијата така што бројот на заразени двојно ќе се зголемува дури на секои 10 дена, или подобро уште побавно. Денеска бројот на регистрирани случаи се удвојува значително побавно, на секои 18 дена.
Ќе причекаат фудбалската публика и дискотеките
Споменатите стручњаци советуваат да се размисли за отворање на продавниците, училиштата и универзитетите. Препорачуваат наставата во училиштата да не почнува истовремено за сите одделенија, туку на почеток воспитувачите и наставниците кои спаѓаат во ризичните групи да не работат со учениците. Отворањето на градинките и делумното отворање на училиштата, пишуваат експертите, отвора простор за враќање на родителите на работа. Во документот се бара итно зголемување на капацитетите на лабораториите со што без исклучок би се тестирале луѓе со симптоми како и оние кои биле во контакт со заразени лица.
Се предлага да се постават нови лаборатории и мобилни станици за тестирање со помош на војската и Црвениот крст, за да може да се тестираат 500 илјади луѓе дневно. Во моментов толкав д неделниот капацитет на лабораториите. Се додава дека во фабриките работниците треба да држат растојание, да носат маски или да бидат одвоени со заштитни прегради. Стручњаците пишуваат дека помалите продавници „секако може да отворат порано од дискотеките”, додека за ресторани и кафулиња предлагаат строго пропишано растојание меѓу масите и ограничен број на гости. „Големи настани како фудбалски натпревари од Бундеслига, саеми и конгреси во догледно време нема да се одржуваат”, се додава во документот.
Експертите заклучуваат дека натамошното ширење на вирусот може да промени сѐ, нов бран би значел дека мерките повторно треба да се воведат.
Германците согласни со мерките
Инаку мнозинството Германци е против ублажување на забраната за контакти за справување со пандемијата на коронавирусот. Во најновата анкета на институтот за истражување на јавно мислење ЈуГов по налог на Германската новинска агенција, 44% од испитаниците се искажале за продолжување на мерките и по 19-ти април, 12 проценти дури се изјасниле за нивно заострување. Само 32 проценти се за ублажување на мерките, а 8 проценти за нивно укинување. 5 проценти не одговориле. Во најголем дел од Германија надвор претежно е дозволено слободно движење, но максимум по две лица. Други помали групи се дозволени само на лица кои живеат во исто домаќинство.