1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалдемократите ја освојуваат Германија?!

10 септември 2021

Социјалдемократите конечно се збогуваа со својот комплекс на инфериорност. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/408l7
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

На 16 дена пред парламентарните избори во Германија, битката за наследството на Ангела Меркел станува сѐ понеизвесно. Покрај евидентниот процес на фрагментација на политичкиот консензус кој би можел да доведе до невообичаени мнозинства и коалиции, Германија се соочува со несигурностите кои произлегуваат од заминувањето на долгогодишен канцелар, како и серија проблеми кои ја очекуваат идната влада, а се однесуваат на надворешната политика и на националната економија.

Самата предизборна политичка битка доби одредени неочекувано жестоки моменти кои може да бидат пресудни. Последниот во низа наликува на вистинска предизборна „бомба“ за кандидатот на Социјалдемократите (СПД) за канцелар, Олаф Шолц, откако вчера се обзнани истрагата на кое е мета неговото Министерство за финансии, обвинето дека не пренело клучни информации за сомнителни милионски трансакции во Африка. Во суштина, за пералница на пари која токму посебната единица за борба против перење пари - Financial Intelligence Unit, која работи под Министерството за финансии, требало да ја спречи или за неа да сигнализира, а тоа не го направила.

Фрустрацијата на Меркел

Вториот изненадувачки, или барем неочекуван момент, беше кога за време на веројатно последниот говор во улога на канцеларка во Бундестагот, Ангела Меркел застана зад кандидатот на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Армин Лашет и предупреди од евентуална коалиција на СПД, Зелените и Левица. Меркел ветуваше дека ќе остане понастрана од борбата за нејзин наследник, па ваквиот „испад“, каде употреби средства и зборови надвор од нејзиниот вообичаен помирувачки стил, ѝ даваат по малку тажен крај на нејзината инаку брилијантна кариера и мандат исполнет со повеќе успеси отколку разочарувања. Меркел ја истури својата фрустрација и спадна на ниво да предупредува од комунистичка опасност во Германија доколку Унијата (ЦДУ/ЦСУ) не победи на изборите.

Очигледниот мотив за оваа нервоза и очајничкиот обид да се спаси што може, најверојатно се новите анкети, каде поддршката за конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел падна на историски најниски 19% и нејзиниот шпиценкандидат Армин Лашет делува потопен како кога се смееше за време на посетата на поплавените места во јули. Во меѓувреме, Социјалдемократите го зголемија водството и сега уживаат поддршка од околу 25% од испитаниците. Зелените се на трето место со 17%, а следуваат Либералите со 13% и деснорадикалната АфД со 11 проценти доверба.

Овие бројки говорат дека секакво предвидување околу идната германска влада е исклучително тешко. Податоците и понатаму се многу флуидни и можните коалиции стануваат сѐ побројни. Можни се оние со три партии: Унија-СПД-Зелени, СПД-Зелени-Либерали, Унија-Зелени-Либерали, СПД-Зелени-Левица, како и оние со само две партии, односно Унија-СПД и помалку веројатно Унија-Зелени.

Подемот на Шолц

Убедливо најинтересниот фактор во последните неколку недели е подемот на Олаф Шолц и Социјалдемократрите. Една од најшироко распространетите тези во германската политика е дека главната причина за кризата на Социјалдемократите во последните 15 години се должи на нивното постојано расположение да бидат дел од големата коалиција со Унијата на Ангела Меркел. Од 2005 година до денес Социјалдемократите владеат со Германија како помал партнер на Унијата, со исклучок на периодот 2009-2013-та. Заедно со двата мандата на Герхард Шредер, СПД суштински владее од 1998 година и, покрај неизбежните грешки, сепак има огромен придонес за модернизацијата на Германија и за фактот дека денес е една од економски најсилните земји на светот и лидер во Европа.

Други колумни од авторот:

Судбината на Европа и Западот по Авганистан

Стравот на талибанците од жените

Good Morning, Afghanistan 

Во 16-те години владеење на Меркел, раководството на СПД секогаш делувало како да се срами од својот суштински придонес во владата. Тоа веројатно произлегува од нивното убедување и страв дека уредувањето и начинот на функционирање на модерна Германија суштински се коси со традицоналните вредности на германската социјалдемократија. Од тие причини, низ годините постојано страдаше нивното единство и лидершип, партијата беше константно поделена на струи и фракции, некои повеќе левичарски, некои модерни и либерални, во бескрајна борба помеѓу разно-разните лидери. На тој начин Социјалдемократите се оддалечија и од објективните заслуги кои ги имаа во власта и сите успеси секогаш ѝ беа припишувани на Меркел, чиј лидершип тоа и го заслужуваше, но кој не беше единствената причина за германските успеси. Така, СПД, која преку 15 години не била опозиција, никогаш не се претставуваше како дел од власта, иако очигледно била. Оттука, можеме да кажеме дека низ годините Социјалдемократите ја изгубија својата политичка мисија и порака.

„Црвен бран“

Таквата состојба конечно е напуштена со мудриот избор на умерениот Шолц, кој иако долго време беше потценет, сепак од позицијата на министер за финансии, вице-Меркел и кандидат за канцелар, успеа да изгради јасен политички профил базиран на компетентност, сериозност и доверба, и на тој начин да ја обедини и сопствената партија. На овие избори Социјалдемократите, за првпат по 15 години, делуваат како дека не се срамат од својот кандидат. Напротив, компактни се и сите го поддржуваат Шолц. Всушност, единствената кампања на СПД за овие избори е Шолц и ништо друго освен лицето на Шолц. Ќе видиме дали најавениот скандал ќе ја расклати довербата во неговиот лик, но успехот да им се надомести преку 10% рејтинг на Демохристијаните и да се стане фаворит, не може да биде производ на среќа или обична случајност. Настрана грешките на ривалите, СПД направи паметно што избра кандидат уште пред една година, па оттука Шолц е далеку попопуларен од сите останати кандидати за канцелар. И во овие малку преостанати денови до изборите многу работи можат да се сменат, но едно е сигурно: Социјалдемократите конечно излегоа од својот комплекс на инфериорност.

„Црвениот бран“, како што го нарекуваат подемот на Шолц и СПД, покрај тоа што забрзано ја освојува Германија, успеа да се пробие дури и на Истокот, во поранешна ГДР. Региони кои уште од времето на Кол беа лојални ја Унијата, или пак во последно време се определија за Зелените, сега преминуваат кон Социјалдемократите. Дури и деснорадикалната АфД почнува да тоне на Истокот како последица на подемот на СПД. Останува да видиме дали новопронајдениот карактер и мисија на германската социјалдемократија ќе успее да го пополни вакуумот по децениското владеење на Меркел. Тоа што е сигурно е дека Германија нема да доживее големи потреси и промени која и да биде идната влада. Потресот е резервиран само за изборите.