Германија: Канабис на лекарски рецепт
5 мај 2016„Целта ни е здравствените каси да ги преземат трошоците за канабисот како лек за тешко болните пациенти, на кои друго средство не може да им помогне“, образложи министерот за здравство Херман Гре вчера (04.05.2016) по седницата на владата во Берлин. Новата регулатива треба да важи од пролетта 2017 година и на тешко болните, кои немаат друга медицинска алтернатива, да им овозможи во аптека со лекарски рецепт да набават исушени цветови на канабис и екстракти на ова растение. Истовремено, ќе продолжат научните истражувања и студии за медицинската корист од оваа терапија.
Планирано е државно контролирано одгледување канабис во Германија преку посебна агенција. Оваа задача треба да ја преземе Сојузниот институт за лекарства и медицински производи. Додека да биде тоа овозможено, снабдувањето треба да се покрива од увоз.
„Канабисот не е целосно безопасна супстанца и затоа не смее да се врши легализирање за чисто приватно уживање“, подвлекува меѓутоа Марлене Мортлер, ополномоштеник на германската влада за прашања поврзани со дроги.
Дозволувањето на употребата на канабисот во форма на средство против болки се бара уште одамна. Германскиот сојузен управен суд во април првпат по исклучок му дозволи на еден неизлечиво болен човек да одгледува канабис за сопствена терапија. Според оваа пресуда, Сојузниот институт за лекарства и медицински производи има обврска на заболените од мултипла склероза да им издава посебна дозвола за одгледување канабис за своја употреба.