„Германија нуди многу опции“
4 јули 2019По неколку куси престои во Германија, Александра одлучила дека сака таму да го продолжи својот живот. Ќе живее во Франкфурт и ќе работи во „Старбакс“, но својата иднина не ја гледа во тој бизнис:
„Не знам што можам да очекувам, ама претпоставувам дека ќе биде во ред. Колку што се слушнав со работодавците, тие се сосема добри луѓе, прилагодливи на сѐ, така да ќе видиме дали мојот просперитет ќе биде таму или на некое друго работно место.“
Вели дека имала среќа, бидејќи постапката за аплицирање за работа и за добивање виза траела покусо од вообичаените 9 до 12 месеци. Александра зборува германски јазик, но сака да го дополни и знаењето, но и образованието
„Германија е земја којашто нуди многу опции за посета на курсеви, некои обуки, некои школи. Не мора да е некое универзитетско образование. Едноставно, има многу различни начини да се надградува човек и тоа е една од работите кои ме мотивираат уште повеќе да одам таму.“
Погледнете ја приказната на Александра:
Пријателите и родителите ѝ се најголемата поддршка и најмногу ќе ѝ недостигаат:
„Не им е сеедно. Тешко им е, нормално, кога детето им е далеку од дома. Меѓутоа, до некаде мислам дека се и навикнати, бидејќи имам брат којшто живее подолго време, веќе 4-5 години живее во Штутгарт, во Германија, така да, ако ништо друго, ќе имам член од фамилијата што ми е таму.“
Преселувањето може да биде ризик, но и голема лекција во животот, смета Александра:
„Дефинитивно ги охрабрувам сите да пробаат, ако ништо друго, да видат дали ќе се пронајдат. Ако не се пронајдат, семејството и домот им се секогаш тука, можат да се вратат, меѓутоа може и да успеат таму многу повеќе од овде.“
Домот и кучето ќе бидат тука и за Александра, кога ќе има можност за посета. Дотогаш се надева дека родителите ќе ја посетат во Германија.