1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: опасност од исламисти и неонацисти

Ж. Ацеска
4 јули 2017

Германија е соочена со зголемена опасност од исламистички терор, левичарски и десничарски екстремисти и сајбер-напади од странство, констатира Службата за заштита на уставниот поредок на земјата.

https://p.dw.com/p/2fu7w
Deutschland Sven Lau Salafistenprediger bei der Festnahme
Фотографија: picture-alliance/dpa/ANC-News/R. Anhuth

Во Германија има сѐ поголем број радикални луѓе, констатира Извештајот за 2016 година од Службата за заштита на уставниот поредок, поднесен од нејзиниот претседател Ханс-Георг Маасен и од сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие. Во фокусот на Службата за уставна заштита се наоѓаат подготвените на насилство салафисти, десни и леви радикални групи, како и т.н. „граѓани на Рајхот“.

Во Извештајот стои дека исламистичката сцена бележи натамошен раст, бројот салафисти од 8350 во 2015. година, се зголемил на 10.100, при што безбедносната ситуација во Германија е во голем обем под влијание на меѓународните трендови.

„Најрелеватни во овој поглед се долгогодишната и сѐ побрутална војна во Сирија и во Ирак и ескалацијата на тероризмот предизвикана од Исламска држава. Таа засилено преминува во дефанзива, но нејзиниот тероризам натамошно ескалира.“ Оттаму, германските безбедносни служби не исклучуваат нови исламистички напади. Рекорден е и бројот на потенцијални напаѓачи, т.н. загрозувачи-680. 

Deutschland Vorstellung des Verfassungsschutzberichts 2016
Ханс-Георг Маасен и Томас де МезиеФотографија: Reuters/A. Schmidt

Службата за заштита на уставниот поредок предупредува и на растечката опасност од т.н. „граѓани на Рајхот“, категорија која првпат е опфатена со Извештајот, а во која моментно има 12.800 лица, од кои 800 се отворено десноекстремисти. Овие лица не ја признаваат Сојузна Република Германија, инсистирајќи на натамошно постоење на Германскиот рајх во границите од 1937 година. Кај нив расте омразата кон државните претставници, спротиставувањето кон извршителите и полицајците, а со оглед што многумина од нив поседуваат оружје, опасноста не смее да се потценува, стои во документот. 

Во него е опфатен и растечкиот број десноекстремистички деликти, 1600 наспротив 1400 во 2015. година, а паралелно и зголемениот број насилно ориентирани десни екстремисти - вкупно 12.100. 

Пораст бележи и левиот екстремизам, за 7 проценти, во оваа група се регистрирани 28.500 лица, досега највисока бројка. Левичарската сцена задава посебни грижи во пресрет на самитот на Г20 во Хамбург, со организирање протестни акции и можни безредија.

Symbolbild Hacker
Фотографија: picture alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Кратко пред самитот Г20, Службата за заштита на уставниот поредок обвини важни учесници како Русија, Кина и Турција за засилени шпионски активности во Германија, а во ваков контекст се споменува и Иран. 

Русија и Кина се повеќепати идентификувани како држави од каде се вршени сајбер-напади врз Германија, стои во Извештајот. „Континуитетот и изборот на мети јасно го откриваат обидот за стратешко шпионирање на политиката и државната управа. Цели се првенствено Министерството за надворешни рабпти и дипломатските претставништва во странство, како и министерствата за финансии и за одбрана. Во фокусот се наоѓа и владата на Германија.“ Службата за заштита на уставот не исклучува ни обид завршење политичко влијание врз претстојните избори за Бундестагот, првенствено од страна на Русија.