1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Германија: Опасноста од втор бран на коронавирус е реална

ЖА
13 јули 2020

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан ги предупреди граѓаните од лекомислен однос кон пандемијата на коронавирус. „Опасноста од втор бран е реална“, истакна тој денеска во Берлин

https://p.dw.com/p/3fF4G
Deutschland Corona-Pandemie Symbolbild Mundschutz beim einkaufen
Фотографија: Imago Images/R. Peters

Шпан апелираше до граѓаните да останат будни и да не демонстрираат преголема храброст. „Ве молам, држете физичка дистанца, придржувајте се кон препорачаните хигиенски правила и секаде во затворен простор, каде е тоа предвидено, носете заштитни маски", истакна Шпан на заедничкиот прес со директорот на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер.

Осврнувајќи се на извештаите за ноншалантноста на стотици германски туристи и нивното игнорирање на заштитните мерки на забавите во Шпанија, посебно на островот Мајорка, Шпан со порака: „Мора да внимаваме тоа да не се претвори во втор Ишгл. Не сум навистина расипувач на забави, но сега навистина не е време за тоа". За време на повратните летови и по враќањето дома, овие луѓе го зголемуваат ризикот за останатите, рече Шпан. Истовремено истакна дека не мора да се очекува автоматски наесен или в зима да дојде до втор бран на пандемијата, но само доколку се почитуваат заштитните мерки. Во спротивно, постои реална опасност од тоа.

Повеќе:

Коронавирус: Оздравени пациенти брзо ги губат антителата и можат повторно да се заразат

Кавга околу носењето маски во Германија

Како е да се живее во жариште на коронавирус?

Во Германија моментно постојат 5.000 активни случаи на Ковид-19, што е релативно ниска бројка, а само во минатата недела се тестирани 500.000 луѓе на коронавирус. Во светот бројот на новоинфицираните случаи инаку за само пет дена од 11 милиони порасна на 12 милиони, потсети директорот на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер: „Пандемијата во светот има навистина сериозни размери".