1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Помалку гас, повеќе (нечист) јаглен

Инза Вреде
21 јуни 2022

Од Русија стигнува помалку гас, а пред зимата треба да се наполнат резервоарите. Како да се произведува струја без да се трошат (премногу) залихи од гас? Германците гледаат решение во еколошки проблематичниот јаглен.

https://p.dw.com/p/4D04b
Deutschland Braunkohlekraftwerk Neurath
Фотографија: blickwinkel/S. Ziese/dpa/picture alliance

Германската влада планира да ги наполни складиштата на гас пред почетокот на идната сезона на греење. Но, како што многумина стравуваа, во меѓувреме  од Русија стигнува сѐ помалку гас.  Во моментов  резервоарите на гас  се полни околу 57 проценти, планот на сојузната влада е до 1 октомври годинава складиштата да бидат наполнети до 80 проценти од капацитетот, а до почетокот на ноември – до 90 проценти. Како да се наполнат резервоарите во ситуација кога од извоз стигнува сѐ помалку гас? Решениет е во редукција на потрошувачката. 

Околу 16 проценти од електричната енергија во Германија сега се произведува во електраните на гас. И тоа краткорочно може да се промени. Додуша, не е можно во толку краток рок да се зголемат капацитетите за производство на струја со помош на обновливи извори (од кои моментално се произведуваат 42 проценти струја), но за многу брзо може да се реактивира производството на електрична енергија во термоелектраните на цврсти горива. Лигнит и камен јаглен. Актуелно, активни се уште 151 термоелектрани во земјата.

Што е со декарбонизацијата?

Значи ли тоа дека Германците се откажуваат од плановите според кои всушност сакаа да му свртат грб на јагленот? Не би требало да биде така, барем според тврдењата. Пред две години сојузната влада донесе одлука до 2038 година да се затвори и последната електрана на јаглен. Во меѓувреме амбициите пораснаа, се зборуваше конкретно и за уште поран датум за декарбонизација во енергетскиот сектор, како рок за „гаснење" на термоелектраните се споменуваше 2030 година. Министерот за економија и  заштита на климата,  Роберт Хабек (од Зелените) не се откажува од тие цели, без оглед што Германија наскоро би требала да почне да „ложи“ многу повеќе јаглен откако досега.

„Зелено“ производство на челик - со водород наместо јаглен

За  почеток, како што планира сојузната влада, би требало да се користат оние термоелектрани кои се во категоријата „резерви во итен случај“. Тие не се дел од системот за производство на електрична енергија, но не се ни комплетно затворени, зашто се во резерва за потреби во вонредни ситуации. На располагање се теоретски и „последните резерви“, како што се нарекуваат електраните на лигнит, кој веќе не се користи за производство на електрична енергија поради тоа што кафеавиот јаглен има значително полош климатски биланс од камениот. 

„Нечисто“ (привремено) производство на енергија

На крајот на 2018 година Германците го затворија последниот активен рудник за експлоатација на камен јаглен. Во текот на минатата година повеќе од 50 проценти од потребите на јаглен Германците ги увезуваа од Русија.  Рускиот јаглен  може да се надомести без проблем, тврди Александер Бете од Здружението на увозници на камен јаглен во изјава за ЦДФ. Во Германија уште се ископува лигнит.

Повеќе струја со помош на јаглен – таа девиза би требало да важи само до март 2024 година, барем така предвидува владиниот нацрт-закон. Пред војната во Украина, Германците 55 проценти од гасот увезуваа од Русија, моментално зависноста падна на 35 проценти, а до летото 2024 година, како што гласат плановите, зависноста би требало да се смали на 10 отсто. 

Атомските електрани не се алтернатива

Откажувањето од исклучувањето на преостанатите последни три активни нуклеарни електрани или дури ревидирање на излегувањето од атомската енергија, за владата во Берлин не е алтернатива. До таков заклучок дојде ревизија од страна на Сојузното министерство за економија и заштита на климата, односно Сојузното министерство за природна средина и заштита на потрошувачите.

Шефот на управата на енергетскиот концерн РВЕ од Есен, Маркус Кребер, исто така ја исклучи можноста за продолжување на работата на последните активни нуклеарки и по крајот на оваа година.

Deutschland, Lützerath | Am Tagebau Garzweiler
Ископ на лигнит во Гарцвајлер кај КелнФотографија: Mircea Gherase

Дополнителни мерки

Освен враќање кон јагленот, министерот Хабек презентираше и некои други идеи за заштеда во потрошувачката на гас, споменувајќи финансиски поттици за индустријата за да ги мотивира фирмите на намалување на потрошувачката. Гасот во Германија не е важен само како енергенс за греење на становите, туку прд сѐ и како суровина во индустријата.

Сојузната влада веќе извесно време се труди и околу  увозот на гас  од други земји, започна изградба на ЛНГ терминали преку кои е можен увоз на течен гас. Но и потрошувачите би можеле да придонесат за значителна заштеда во потрошувачката на гас, експертите велат дека за тоа е доволно спуштање на температурата при греењето на становите за само неколку степени.

Подоцна во пензија

По најавата за продолжување на работата на термоелектраните, реагираа и германските енргетски концерни. РВЕ потврди дека таа најава ќе има одредени кадровски последици, конкретно, концернот прекинува со испраќање на своите вработени во предвремена пензија. „РВЕ Пауер ќе ги прилагоди своите кадровси планови во електраните и површинските копови кон новите потреби. А тоа се однесува на неколку стотици работни места“, изјави портпаролка на РВЕ за денешното издание на „Рајнише пост“.

Работниците кои требаше да одат во предвремена пензија поради постапното затворање на термоелектраните, сега им се потребни на енергетските компании, затоа ќе одат во пензија подоцна. Освен тоа, се планира и вработување работна сила од „екстерни пазари на труд.“