Германија се бори со себе
2 септември 2019На 1 септември 1939 година Германците со нападот врз Полска во раните утрински часови ја започнаа Втората светска војна. Со милиони мртви, ранети, силувани жени, протерани и еден свет кој до денес страда поради нацистистичкиот разурнувачки бес.
Точно 80 години подоцна, во Германија двоцифрени резултати бележи една партија која за гласови се бори пред сѐ со националистички репертоар и расизам. АфД постигна свој најдобар резултат и во Саксонија и во Бранденбург. На партијата ѝ успеа за само неколку години да израсне од мала партија во втора по јачина политичка сила во покраинските парламенти. Притоа не е некоја утеха што на десните популисти, наспроти прогнозите, на крајот сепак не им успеа да станат најсилни во покраината Саксонија.
Што зборува за Германија тоа што ваква партија е успешна и покрај економски добрите времиња и релативната политичка стабилност? И што доаѓа допрва доколку времињата се променат и Германија можеби биде зафатена од вител на некаква светска рецесија?
Колку се високи бедемите, колкава е свеста дека во Германија веќе никогаш на власт не смее да дојде партија која има главно членови расисти?
Загубија пред сѐ двете етаблирани партии - ЦДУ на Ангела Меркел и социјалдемократите, кои ги постигнаа своите најлоши резултати во двете покраини од германското обединување до денес. Овој тренд во суштина значи дека во досега стабилната Германија станува сѐ покомпликувано да се состават коалиции. И дека принципот на големите народни партии, кои беа еден вид собиралишта за екстремните лево и десно од центарот, веќе не функционира. Сето тоа покажува колку Германија се бори со тоа - каква земја сака да биде навистина. Каков курс сака во бегалската политика, во врска со големите економски и социјално-политички прашања? Колку на Германија ѝ е потребна национална држава, а колку Европа?
Ароганцијата е непотребна
Во природата на историографијата лежи дека дури од временска дистанца може да се опише што всушност се случило во одреден момент и какво влијание ќе имаат настаните врз иднината. Оттука, може само да се шпекулира што некогаш во учебниците по историја ќе може да се прочита за 1 септември 2019 година.
Нема сомнеж дека овој успех ѝ дава крила на АфД и на сојузно ниво. Таа е тука и нема така брзо да исчезне. Другите партии мора да најдат соодветен однос кон тоа. Би било фатално на успехот на десничарите да се одговори со ароганција.
Исходот од изборите на политичките функционери им стави брутално до знаење дека во земјата нешто ужасно не чини. Би им било подобро повнимателно да слушаат и гледаат што е тоа што ги тера гласачите во рацете на популистите.
Дел од историската одговорност на Германија се и некои принципи кај коишто нема компромиси. Во тоа спаѓа и слободното практицирање на верата, како и правото на азил за луѓето во неволја. Тие принципи не смеат да се жртвуваат никогаш, колку и составувањето коалиции да станало компликувано.